Кумот на вештачката интелигенција“ Џефри Хинтон поднесе оставка од „Гугл“ за да може слободно да зборува за ризиците поврзани со вештачката интелигенција.
Когнитивниот психолог и компјутерски научник со децении работел на невронски мрежи и „длабоко учење“, а се верува дека неговото истражување придонело за развој на услуги како што е ChatGPT, пренесува Би-Би-Си.
Хинтон рече дека „сега жали за работата што ја направи“ на развојот на вештачката интелигенција.
Според него, ризиците поврзани со чат-ботовите со вештачка интелигенција се „прилично страшни“ и постои можност вештачката интелигенција наскоро да биде попаметна од луѓето.
„Во овој момент гледаме дека системите како GPT-4 ги надминуваат луѓето во однос на општо знаење и таа разлика е голема. Во однос на расудувањето, тој не е толку добар, но очекуваме наскоро да биде подобар“, додаде Хинтон.
Според Хинтон, некои од „злонамерните играчи“ би можеле да им дадат на роботите способност да создаваат свои цели, што тој го опишува како „кошмарно сценарио“.
„Во одреден момент, целите на вештачката интелигенција би можеле да станат нешто како – сакам да имам поголема моќ“, изјави тој.
Според „таткото на вештачката интелигенција“, човечката интелигенција значително се разликува од вештачката интелигенција.
„Ние сме биолошки системи, а тоа се дигитални, а главната разлика е во тоа што има многу копии од исти модели на светот. И сите тие копии можат да учат одделно, но да го споделат своето знаење за неколку секунди. Замислете 10.000 луѓе и дека секој пат кога некој од нив ќе научи нешто ново, сите други автоматски го знаат тоа. Токму на тој начин четбот услугите знаат многу повеќе од луѓето“, објасни Хинтон.
Разделбата со Google беше мирна, бидејќи Хинтон го пофали „многу одговорниот“ пристап на компанијата кон развојот на вештачката интелигенција.