Кумановците што работеа во Ирак и Авганистан пак на протест пред општинската зграда

by irena 16:41
16:41

Кумановци кои работеа за американските компании во Ирак и Авганистан, денеска протестираа пред зградата на општина Куманово. Тие уште еднаш побараа нивното прашање за данок на плата да се разгледа на советот на општината, бидејќи на последната седница градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ги информираше советниците за посредувањето за средба помеѓу групата кумановци и надлежните од УЈП, но точката не беше ставена на совет.

За време на протестот излезе градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој ги повика на средба дел од нив.

Кумановци кажаа дека се револтирани, зошто воопшто не е разгледана нивната точка, иако велат дека ги знаат ингеренциите на општината, дека советот не може да влијае врз даночната политика.

– На последната средба се договоривме да поднесете писмено барање за средба со директорката на Управата за јавни приходи, за да одржите средба со неа. Протестот е легитимно граѓанско право, повелете на средба, ќе се свика координација. Важно е дали вие суштински сакате да го решите проблемот или сакате да бидете предмет или инструмент на одредени политички партии. Важно е да се отвори дискусија, но советот може само да даде препораки, не може да задолжи повисок орган да постапи по барањата. Јас сум ваш градоначалник и во целиот процес сум на ваша страна, но морам да го почитувам законот, рече Димитриевски.

Учесниците на протестот кажаа дека доставиле писмен доказ до УЈП.

-На секој протест укажуваме дека си ги бараме своите права, дека во ниту еден случај не сме поврзани со никој, бараме решение за проблемот. Бараме од сите правна помош, сите поинаку ги толкуваат. Ние сме граѓани на овој град, со семејствата сме донеле милиони и милиони долари во Куманово, платени се секакви даноци и сегашниот данок за кој протестираме, 4,8 проценти оди за општината. Нашите колеги од Босна и Херцеговина, од Хрватска, од Албанија, од Косово, Турција беа ослободени по основ дека 183 дена биле надвор од државата. Нејасно е зошто Македонија се однесува поинаку со своите граѓани – кажаа кумановци.

Слични вести