Во кумановскиот суд денеска ќе бидат изречени пресудите на обвинетите во случајот со прегазувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово. Првообвинетиот Бобан Илиќ се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Кривичното дело кое му се става на товар беше преквалификувано од „убиство“ во текот на постапката.
На претходното рочиште минатата недела, на кое беа дадени завршните зборови, Илиќ рече дека не се чувствува виновен и изрази жалење за смртта на Алмир. Неговиот адвокат побара ослободителна пресуда. Одбраната на Илиќ се темели на тврдењето дека имал право да се брани во крајна нужда, односно бегал од напад.
Обвинети во случајот се и таткото на Алмир, Седат Алиу, и две други лица, Сами Демири и Абдула Алиу. Тие се товарат за насилство бидејќи истата вечер, пред прегазувањето на момчето, го нападнале Илиќ во кумановската болница. И тие се изјаснија за невини, а таткото рече дека само си ја бранел фамилијата.
Прегазувањето на момчето се случи на 25 јуни 2016 година, по банална расправија на семејствата Илиќ и Алиу пред Здравствениот дом во Куманово.