Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, им порача на украинските преговарачи да не јадат, да не пијат ништо додека се на преговори со Русија, затоа што Роман Абрамович наводно е отруен.
Вчера медиумите објавија дека Абрамович развил симптоми на труење по патувањето во Киев.
-Ги советувам сите што одат на преговори со Руската Федерација да не јадат и пијат ништо. И, ако е можно, избегнувајте да допирате каква било површина. Тоа е од прва рака.
Второ, сите тие приказни – некој слушнал нешто некаде, некои извори – сега ги има многу, затоа што сите се жедни за вести, сензација – изјави Кулеба, а пренесува „Скај њуз“.
Во Истанбул денеска треба да се одржи нова рунда преговори, прва во последните две недели. Украинската делегација синоќа пристигна во Истанбул, на мировни преговори со нивните руски колеги.
Делегацијата е предводена од украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, како и Михајло Подољак, шефот на кабинетот на претседателот.
Тие велат дека нивниот главен приоритет е да се обезбеди прекин на огнот, иако не се сигурни дека тоа е можно.
Едно од барањата на Русија е Украина да се откаже од обидот да стане членка на НАТО, што е прашање за кое украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен на компромис.
На преговорите присуствува и рускиот бизнисмен и милијардер Роман Абрамович, кој беше санкциониран од Западот поради инвазијата на Москва врз Украина.
На снимките што ги објавија турските медиуми, Абрамович не се наоѓа на главната маса за преговори, но се гледа како седи покрај Ибрахим Калин, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, и носи слушалки за превод.
Медиумите наведуваат дека Абрамович накратко разговарал со Ердоган пред почетокот на преговорите во Истанбул. Во разговорот учествувал и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
„Волстрит журнал“ вчера објави дека Абрамович, кој го прифатил барањето на Украина да помогне во преговорите за ставање крај на руската инвазија, и украинските мировни преговарачи неодамна имале симптоми на труење по состанокот во Киев.
Неименуван американски функционер подоцна изјави дека разузнавачките податоци сугерираат дека симптомите на лошата здравствена состојба на рускиот милијардер Роман Абрамович и украинските мировни преговарачи биле резултат на фактори на околината, а не на труење.