Кулеба не доаѓа на министерскиот состанок во Скопје

by Fokus

Дмитри Кулеба – шефот на украинската дипломатија не доаѓа на министерскиот состанок во Скопје. Од официјален Киев порачуваат дека „Русија го уништува ОБСЕ, а доаѓањето на руска делегација ќе ја влоши кризата во организацијата“.

Олег Николенко – портпаролот на министерството за надворешни работи на Украина ја објави одлуката на социјалните мрежи и порача дека Москва го злоупотребува правилото за консензус, се служи со закани и отворени уцени, ја блокираше кандидатурата на Естонија, но и дека Русија незаконски приведе тројца Украинци претставници на ОБСЕ, кои се во затвор повеќе од 500 дена.

Оттаму се заблагодарија на напорите на Македонија и на македонскиот министер Бујар Османи, и порачаа дека се благодарни за високиот професионализам.

– Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложништво на нејзините каприци и агресија. Во такви услови, присуството на руската делегација на министерскиот состанок на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ. Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, а не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја до февруари 2022 година, на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки – порачаа од украинското МНР.

Поврзани новости