Ќулавкова: Македонскиот јазик полека се успива

Да не паничиме од стравот дека нашиот јазик е загрозен

by Fokus

Во македонскиот јазик, со брзиот развој на технологијата во последните неколку години, се почесто се користат странски зборови, наместо соодветни од нашиот литературен јазик.

Тоа особено е случува кај помладата популација, која расте со англискиот јазик, па така некои зборови им се „мешаат“ во македонскиот јазик.

На оваа тема поразговаравме со академик Катица Ќулавкова, која вели дека Македонија не може целосно да се изолира од англиското влијание, но жално е што некои зборови заспиваат.

„Англискиот јазик остварува влијание особено врз лексиката на македонскиот јазик. Но, некогаш се прифаќаат многу некритички и некои синтаксички формули на англискиот за македонски јазични информативни и комуникациски потреби.

 

Македонскиот јазик има веќе претрпено влијание и во изминатиов период од неколку децении, така што тешко може да се прочисти од англицизмите. Постои одреден фонд зборови кои се веќе приопштени во составот на македонската лексика и тешко ќе можеме да се ослободиме од нив (зборови како термин, информација, компјутер, медиуми, либерален капитализам, мигранти, имејл, селфи, смајли, екологија и сл.)“, вели Ќулавкова.

Како што додава таа, современата култура на социјалните и други медиуми – посебно филмската и музичката, културата на политичка комуникација, на истражувачка и преводна дејност, на јазична и духовна преселба или миграција, е таква што реално ќе продолжи влијанието на англискиот јазик и ќе се загадува јазикот со нови „варваризми“.

„Важно е барем се гради критичен, свесен и селективен однос кон надворешните, а првенствено англофони јазични влијанија. Во некои развиени држави за тоа се преземаат строги системски мерки во областа на медиумите, во други држави од нашето опкружување постојат стручни комисии кои се занимаваат со оваа проблематика.

 

Лексиката ќе се презаситува со туѓи зборови, ама и ќе се прочистува и на крај ќе ги прими само оние зборови кои се прилагодиле природно на системот на македонскиот јазик . Неприродните, оние зборови кои не можат да се вклопат природно, ќе бидат со тек на време исфрлени“, анализира таа.

Според неа, важно е да се ослободиме од тој однос на рамнодушност, на ниска чувствителност кон вишокот влијанија кои ја нарушуваат првобитната слика на македонскиот јазик како јазик кој припаѓа на големата, богата и развиена група словенски јазици.

Тука се поставува прашањето – дали доволно го негуваме македонскиот јазик и мора да „увезуваме“ странски зборови?

„Македонскиот јазик е многу богат јазик. Ние имаме огромен резервоар на зборови со македонско и старословенско потекло што сме ги заборавиле. Македонскиот јазик полека се успива, зборовите, дремејќи (пасивно) по архивите на нашите стари ракописи и матрици, заспиваат и тешко се будат.  Сиромашни се општите познавања на македонскиот јазик од страна на македонските граѓани, а не македонскиот јазик.

 

Треба да се одвикнеме од македонската јазична летаргија, инерција и неинвентивност. Треба да ја надминеме колективната состојба на зазор спрема македонскиот јазик. Стравот дека македонскиот јазик е загрозен пред силниот наплив на англискиот но и пред намалувањето на бројот на говорителите на македонскиот јазик во самата Македонија не смее да нѐ блокира и да прерасне во паника“, смета оваа поетеса.

Ќулавкова додава дека треба разумно да се пристапи кон решавање на сите тековни и стратешки прашања поврзани со македонскиот јазик, вклучително и со македонските говори, наречја/дијалекти кои повторно стапуваат на преден план. Таа вели, донесени се многу штетни законски одредби по однос на интегративната улога на македонскиот јазик во македонскотоопштество.

Дали со ваквиот развој на настаните може да се каже дека македонскиот јазик е сериозно загрозен и како да се реши проблемот со кој се соочуваме.

„Нашата држава под итно треба да го постави македонскиот јазик во средиштето на своите приоритети, како по однос на образовните наставни програми, така и по однос на кадровската и финансиска поддршка на истражувачките научни проекти, во институционалната и медиумска афирмација на македонскиот јазик во странските научни и образовни кругови (лекторати, училишта, споредбени проекти, учество на научни конференции и др.), во поддршката на лекторската дејност, во мотивирање на младите во Македонија да го учат македонскиот јазик, во канализација и регулација на процесите на „варваризација“ на македонскиот јазик по пат на некритичко преземање туѓи зборови и сл.

 

Неопходни се и програми за учење на македонскиот јазик на Интернет мрежата (on-line), објавување електронски книги (раскази, романи и сл.) на ДВД, соодветна поддршка на научните истражувања, не од параден вид, туку суштествен, долготраен и делотворен“, говори таа.

За крај, Ќулавкова посочува дека јазикот е слика на свет и огледало на општата култура, затоа треба да се преземат соодветни и итни мерки за подобрување на состојбите на тој план, за да се спречи стихијниот и хибриден напад на македонскиот јазик. Несовесниот и неодговорен однос спрема македонскиот јазик, чиишто говори пред речиси тринаесет века ја дале основата за кодификација на старословенскиот јазик, не смее да надвладее пред совесноста и одговорноста на македонските научни, просветни, интелектуални и други авангардни кругови во државата.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости