Спомен кулата на загинатите борци на ОНА од конфликтот во 2001 година којашто вчера беше свечено пуштена над селото Слупчане, во договорот со фирмата којашто ја градела „Хоџа инженеринг“ е напишана како Спомен обележје-Спомен кула.
Со ова практично општината ја заобиколила процедурата и овој споменик го именувала како спомен обележје иако се работи за Меморијален споменик за воениот конфликт кој нема локално, туку исклучително државно значење, бидејќи воениот конфликт беше на целата територија на државава.
Но, со тоа што ова здание е именувано како спомен обележје, општината ја избегнала процедурата во Собрание и одлуката за негово подигнување ја донела на локално ниво, односно во Советот на општината.
Претседателката на Центарот за културно наследство, Донка Барџиева Трајковска за „Фокус“ објаснува дека не станува збор за спомен обележје, туку Меморијален центар со оглед на тоа што не се работи само за Спомен кулата, туку има и придружни елементи, местото беше оградено имаше поставено автомобил и други придружни објекти.
Таа е децидна дека за подигнување на ваков споменик е надлежно Собранието.
Собранието воопшто не го ставило во програмата за прославување на познати личности и настани, која што е петгодишна програма. Врз основа на таа програма што ја носи Собранието морало да донесе поединечна одлука за издигање, за подигнување меморијален споменик. И тука би спаѓал токму овој споменик кој што е именуван како Споменик на жртвите на ОНА. Врз основа на таа одлука би бил формиран одбор кој ќе ја следи процедурата од почеток до крај, објаснува таа.
Вакви споменици, според неа, треба да обединуваат, а овој споменик на којшто беа присутни министри, па и претседател на Собранието, беше искористен само за партиска промоција. Станува збор за важен настан од блиската историја и освен жртви на ОНА како и во секој воен конфликт има жртви и кај бранителите и кога се обмислува решение за подигање меморијален споменик мора да се размислува за двете страни и тоа решение мора во себе да го содржи и аспектот на помирување.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска критикува дека СДСМ молчи за отворањето на споменикот.
Ниту Ковачевски е премиер на оваа држава, а ниту СДСМ е стожерната партија во Владата. Ниту Ковачевски е лидерот на нацијата, а ниту СДСМ е државотворна партија! Ова е пораката која што ја пратија СДСМ. Настанот во Липково е уште еден во низата докази дека вистинската титула за Ковачевски е „изведувачот на работите“, бидејќи повеќе од очигледно е дека Али Ахмети е вистинскиот премиер на Република Македонија, изјави портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
На 2 мај во селото Слупчане свечено ќе биде откриен споменик во чест на паднатите борци на ОНА. Настанот на Фејсбук го најави градоначалникот на Липково Еркан Арифи, кој воедно објави и видео поврзано со конфилктот од 2001 година.
Тој претходно изјави дека споменикот го гради фирмата „ХОЏА инженеринг“ и чини 200 000 евра, дека е легален и регистриран во Министерството за транспорт и врски.
Ф.Ф.С.