Куќата на Таравари во Скопје официјално вреди колку дворот на неговиот сопартиец и сосед Меџити

Анкетниот лист на министерот за здравство Фатмир Меџити покажува дека поседува куќа од 360 квадрати вредна 44 милиони денари со двор од 147 квадрати вреден плус 9 милиони денари, лоцирана во непосредна близина на недвижноста на неговиот партиски лидер Арбен Таравари, кој пријави дека за објект од 261 квадрати платил 9 милиони евра, или исто колку што вреди само дворот на неговиот сопартиец преку улица.

by Фокус

Куќата на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари во скопската населба Тафталиџе, што ја актуелизираше опозицијата кога неговата Алијанса за Албанците одлучи да стане дел од владејачкото мнозинство, официјално вреди неколкукратно помалку од имотот во непосредно соседство на министерот за здравство и негов сопартиец Фатмир Меџити.

Откако Таравари постигна договор со СДСМ и ДУИ да го засили парламентарното мнозинство, пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во Собранието отворено праша дали тој ја добил куќата на подарок за да ја смени политичката страна?

-Пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра? – праша Николоски.

Според Таравари, се работи за „прилично инфантилни обвинувања“ коишто, додава тој, лесно се прелеваат и во медиумите, без да се консултира другата страна. „Фокус“ тогаш побара коментар од Таравари во врска со ова обвинување изнесено во Законодавниот дом, при што тој го даде следниот одговор:

Таравари за обвинувањето на Николоски: Куќата ја купив во 2021, постапката е чиста!

„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор…“.

Дополнително, го прашавме Таравари дали е точно е дека куќата е купена од функционер на ДУИ? Во однос на ова прашање, тој рече дека нема таква информација, истакнувајќи дека куќата му ја нашол пријател, а се договарал со жена која нема врска со политиката.

ИСТОРИЈАТ НА ДВИЖЕЊЕ

Според податоците од Катастарот на недвижности, станува збор за земјиште од 100 квадратни метри и станбен објект-куќа од 261 квадратни метри на улица Бриселска во Карпош, што Тавари ги поседува преку имотен лист со број 47531. Всушност, објектот е лоциран на катастарска парцела со број 1432/2, во рамки на катастарска општина Карпош.

Инаку, Таравари куќата уредно ја пријавил во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, каде навел дека ја стекнал по пат на купопродажба за цена од 9,2 милиони денари или 150 илјади евра. Во анкетниот лист не е наведено кога е склучен договорот, но, според одговорите што ги добивме од Таравари, куќата ја купил во 2021 година со помош на кредит.

Како што подоцна објави „Фокус“, откако го обезбедивме историскиот преглед на извршените запишувања на катастарската парцела 1432/2, која го опфаќа земјиштето и објектот во моментална сопственост на Таравари, тој стекнал сопственичко право во 2021 година по пат на договор за купопродажба.

Имено, оваа парцела со број 1432/2 се формира во 2009 година, кога практично се дели парцелата со број 1432, која дотогаш е во сопственост на повеќе членови на семејството Чинго. Поточно, оваа парцела е во сопственост на Огнен Чинго, кој во 2013 година им го продава имотот на Љупка Јахоска, како и на уште лице со истото презиме – Иса Јахоски.

„Фокус“ открива: Како Арбен Таравари стекна имот што претходно го поседувал Исмаил Јахоски од ДУИ?

Тие поседуваат по една половина од овој имот се до 2017 година, кога Иса Јахоски својот дел го отстапува, односно му го подарува на Исмаил Јахоски, пратеник на ДУИ, чие семејство ја поседува нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Неколку години подоцна, односно во 2021 година, единствен сопственик на имотот станува Таравари.

Официјалните податоци покажуваат дека во непосредно соседство недвижен имот поседува и актуелниот министер за здравство Меџити, кој впрочем поседува двор и објект на катастарска парцела број 1328, спроти куќата на Таравари. Во меѓувреме, по изборот на функцијата, и новиот министер за здравство Меџити доставил анкетен лист.

Од него произлегува дека дворот на Меџити од 147 квадрати вреди 9 милиони денари, безмалку исто колку што Таравари официјално го купил цел имот, односно земјиштето и објектот. Што се однесува до куќата на Меџити од 360 квадрати, тој ја пријавил на вредност од 44 милиони денари, или околу 5 пати повеќе од вредноста на куќата на Таравари со површина од 261 квадрат.

Инаку, Државната комисија за спречување на корупцијата не извести дека на колегиумот на 24.02.2023 година, по сопствена иницијатива, оформила предмет за проверка на наводите дека Таравари купил недвижност во Скопје од друг јавен функционер, за сума помала од пазарната.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости