Европратеникот од демохристијанската група ЕПП, Едуард Кукан за МИА вели дека политичарите прво треба да ја подготват јавноста пред да го објават договорот за името, во кој најтешките делови не се името само по себе, јави дописничката на МИА во Брисел.
– Грешка беше да се биде толку оптимист. Мислам дека не е доволно политичарите да постигнат договор. Пред да го најават треба да го подготват народот за тоа. Мислам дека ја научија лекцијата последниот пат со Илинденска Македонија. Не верувам дека најтешкиот дел е името, туку како ќе стои во Уставот, јазикот, културата, сите тие работи. Можеби е техничко потешко, така што кога сите тие прашања ќе се решат, политичарите треба тоа позитивно да и го продадат на јавноста и само тогаш името ќе биде официјално објавено, изјави Кукан за МИА.
На конференција во Брисел со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, Кукан порача дека лидерот на Нова демократија во Грција им признал на членовите на ЕПП дека нема да биде „комплетно негативен“ кон решението за името.
– Не можам да ви кажам што точно ни кажа лидерот на Нова демократија, но рече дека не би бил комплетно негативен кон решавањето на спорот за името, изјави Кукан.
Кукан, запрашан од МИА да допрецизира што точно рекол Мицотакис, изјави „знаете тоа е задкулисна работа, има работи за кои не можете да зборувате пред новинарите затоа што ќе и наштетите на вашата кауза“, јави дописничката на МИА од Брисел.
Членовите на ЕПП потоа на лидерот на Нова демократија му порачале дека „треба да ја гледаат работата од поширока перспектива“, рече Кукан.
– Тие треба да ги земат предвид сите добри работи кои решението би и ги донеле и на Македонија но и на Грција. Мора да бидете визионер, изјави Кукан.