Ќучук: Вратата за Сeверна Македонија во ЕУ веќе е отворена, на 6 мај очекувам амбициозна декларација

by Fokus

Добро е историските прашања да им се препуштат на историчарите, а ако политичарите не го направат она што е неопходно, тогаш историјата ќе им суди, рече европратеникот Илхан Ќучук во интервју за ЕУРАКТВ Бугарија.

– Претставниците на европските институции отсекогаш велеле дека мора да се почитува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, како и Договорот од Преспа со Република Грција. Тоа отсекогаш бил официјален став и на Скопје. Во сите разговори, двата документа ги потенцираа како успех на македонската надворешна политика, што го отвора патот за земјата кон НАТО и ЕУ. Бугарија и Северна Македонија се соседни, пријателски држави кои споделуваат заедничка историја, верувам и заедничка иднина во ЕУ. Добро е да се остават историските прашања во рацете на историчарите. Ако политичарите, од своја страна, не го сторат она што е неопходно за да се продолжи по патот, тогаш историјата ќе ни суди. Моја работа како известувач на ЕП е да и помогнам на Република Северна Македонија со своето искуство и знаење да стане членка на ЕУ во одреден момент. Токму тоа е во интерес на сите нас, вели тој.

Според него политичките одлуки на крајот ќе треба да се донесат врз основа на историски прашања што се контроверзни. Ова не го спречува признавањето на некои очигледни вистини и факти од обете страни. Тој потсетува да не заборавиме дека имаме историска меморија која е сè уште жива.

-Иако проширувањето е најуспешна политика на Унијата, во последните години не беше недвосмислено прифатена во некои западноевропски општества. Дел од земјите предводени од Франција, инсистираат на тоа процесот на преговори да е многу подинамичен и насочен кон резултати. Еден од нивните предлози беше хоризонтално следење на владеењето на правото, т.е. од почетокот на преговарачкиот процес до неговиот крај. Исто и можноста за отворање на секој кластер (преговарачко поглавје – според старата формулација) кога има отстапување. Со тоа е отстранет принципот „еднаш затворениот кластер е засекогаш затворен“. Гледам и други прогресивни елементи во новата методологија – порано вклучување на државите во политиките на ЕУ, нивно учество во Конференцијата за иднината на ЕУ. Зеленото светло за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, среде пандемија на коронавирус, покажа дека Европа е способна да донесе важни одлуки во време на криза. Покрај тоа, Европската унија дејствува брзо и решително кон регионот, вклучувајќи го во многу од иницијативите на ЕУ за борба против Ковид-19 и определувајќи невидени 3,3 милијарди евра, појаснува Ќучук.

Тој објаснува дека Европскиот парламент игра клучна улога во проширувањето на ЕУ. Покрај нацртната рамка и изготвување на годишни извештаи за напредок на земјите-кандидатки, акцентот е ставен на пристапувањето во ЕУ како национална кауза, во чие име на партиите во Северна Македонија се подготвени да ги остават настрана своите разлики. Во рамките на овој формат, се преземаат конкретни заложби од страна на политичките сили и ние го следиме нивното спроведување.

– Со огромно мнозинство „за“, ЕП изјавува дека проширувањето е меѓу најуспешните политики кои придонесуваат за демократија, мир и просперитет низ цела Европа и дека изгледите за членство во ЕУ се поттик за реформи во земјите од Западен Балкан. Со видоизменетата методологија очекуваме да дадеме нов импулс и динамика на процесот на проширување. Во извештајот се нагласува потребата за реформи и за проширување на ЕУ. Двата процеса не се исклучуваат, туку се надополнуваат. Верувам дека нашите препораки ќе бидат земени како основа за претстојната средба со земјите од Западен Балкан и ЕУ во Загреб на 6-ти мај. Очекувам лидерите на ЕУ да излезат со амбициозна декларација за иднината на регионот во ЕУ, вели тој.

Според Ќучук членството во ЕУ бара вклучување на сите стручни и политички ресурси во земјата, како и поддршка и совети од пријателите. И Бугарија и Северна Македонија добро го знаат тоа.

Илхан Ќучук е политичар на ДПС, член на Европскиот парламент (ЕП) од 2014 година. Потпретседател е на парламентарниот комитет ЕУ-Турција и член на Комитетот за надворешни работи на ЕП.�

 

Поврзани новости