„Постигнавте многу, но има уште работа – изградете општество кое напредува на различностите, ја прифаќа инклузијата и ги поддржува принципите на правда и еднаквост за сите“ се вели во видеообраќањето на бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
Тој испрати честитка за 8. Септември – Денот на независноста на земјава.
„Патот на Северна Македонија кон независноста не беше само борба за политичка автономија, тој беше доказ за трајната моќ на единството. Докажавте дека вашата сила лежи во вашата способност да се здружите, да ги надминете разликите за да изградите обединета земја. Денот на независноста служи како потсетник дека вашиот напредок како нација е континуирано патување“ – порача Ќучук.
Тој го охрабрува македонскиот народ да се гордее со своите достигнувања, велејќи дека „посветеноста на градењето заедничка иднина во ЕУ, каде што соништата на следните генерации ќе може да процветаат, е основата на сите напори за соработка и добрососедски односи“.