Ќучук: Ако С. Македонија не ги направи промените во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија на патот кон ЕУ!

by Fokus

„Без да ги спроведе потребните реформи, Република Северна Македонија реално не може да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ“ вели бугарскиот европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент – Илхан Ќучук.

Тој во интервју за БГНЕС подвлекува дека без промена на Уставот, земјава не може да почне да преговара со ЕУ.

Ќучук предупреди дека доколку Скопје не ги направи овие промени во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија на патот кон ЕУ, па Северна Македонија, според него, ќе остане во групата со Србија, Косово, Босна и Херцеговина – земји со сериозни проблеми со своите соседи.

„Од друга страна, тука е и геополитичкиот предизвик, заедно со тоа, можност Украина всушност да почне да преговара со ЕУ, таа е земја која доби статус на кандидат за членка. Односно, изборот е многу јасен – дали Република Северна Македонија сака да продолжи по својот пат, со реформирање на општествените односи, или ќе се приклучи на друга група која нема јасен патоказ за во ЕУ“ – вели Ќучук.

Тој смета дека во македонскиот Парламент нема единство околу целта за влез во ЕУ.

„Никој не поставува дополнителни услови (на Скопје). Ова се условите и двете страни се договорија – Бугарија и Република Северна Македонија. Тие ги изгласаа овие услови во бугарското, односно во македонското Народно собрание. Отсега овие договори мора да се исполнат“ вели европратеникот Ќучук.

 

Поврзани новости