Бездомна кучка која ги загубила своите малечки, згрижила мали, непрогледани кутриња, кои несовесен граѓанин на екстремно високите температури ги фрлил во нива во скопската населба Кисела Вода. Кучката, која е во ЈП за третман на улични животни „Лајка“, а која има млеко, ги прифатила фрлените кутриња како да се нејзини и сега беспрекорно ги чува.
Сè почнало пред десетина дена, кога жителите од Расадник, Кисела Вода, начекале стравотна глетка во населбата – несовесен граѓанин фрлил осум непрогледани кутриња, кои сè уште имале папочни врвки. Кутрињата биле полуживи, а неколку девојчиња од населбата се обиделе да им помогнат, ставајќи ги во кутија и давајќи им млеко со шприц.
По објавите на социјалните мрежи, фрлените кутриња, нешто што е честа појава во земјава, ги презело здружението Асоцијација на активисти за права на животните (ААПЖ).
„Десетина дена поминавме низ вистинска голгота. Кога ќе се најдат непрогледани кучиња или мачиња, тие треба да се чуваат исто како бебиња, да се хранат на секои два до четири часа, да се чуваат на топло, да се стимулираат за да вршат нужда, фактички треба да се прави сè што би правела нивната мајка. За жал, три од кутрињата не успеаја да преживеат и тоа беше огромен стрес. Останатите беа големи борци, цицаа од цуцла, не се предаваа, но стравот дека можеби нема да преживеат беа преголеми“, сведочат од ААПЖ.
Да се најде кучка која има млеко, за да ги преземе малечките, е речиси невозможно, сведочат од здружението, бидејќи најчесто тие препознаваат кои се нивни кутриња и останатите ги одбиваат.
За среќа, во случајов се случило токму невозможното. Од ЈП Лајка, јавуваат дека имаат заловено кучка која има млеко, и се нудат за помош.
„На социјалните мрежи имало апел дека се бара кучка доилка. Информацијата случајно стигна до мене. Се сетив дека имавме заловено кучка во лактација за која имавме сознанија дека ги загубила нејзините малечки, но ја задржавме бидејќи мораше да прима терапија за анаплазма пред да подлежи на хуманиот третман. Со тимот одлучивме да пробаме да ја споиме со малите кученца“, сведочи Тина Петрушевска, директорка на ЈП Лајка.
Кучката била сместена во посебна, изолирана просторија во ветеринарната служба на претпријатието. Малите кутриња биле однесени таму, а мајката полека почнала да ги лиже, а тие да цицаат.
„За многу кратко време, таа почна да ги третира како да се нејзини и сега не сака да се одвои од нив. Тие се под постојан надзор на ветеринарниот тим и напредуваат одлично. Златка е навистина одлична мајка и се надевам дека нема да има потреба од дополнителна дохрана на малите. Толку се приврза за нив што дури не сака да ги остави ни за да оди на кратка прошетка, а јаде во лежечка положба додека ги дои“, вели Петрушевска.
Кутрињата сега се со нивната сурогат мајка и ќе останат таму сè додека не наполнат барем 40 дена и додека не им се најде соодветен дом. Сега се стари неполни две недели.
Многу често граѓаните наоѓаат мали кутриња или мачиња, оставени во кутија, пред контејнери или едноставно фрлени на улица. Дел од граѓаните се обидуваат да ги спасат, но тоа понекогаш е невозможно. На социјалните мрежи постојано се споделуваат апели за помош.
„Неодговорното сопствеништво и ниската свест се одлика на едно општество со ниски вредности. Јас сум разочарана од тоа со каква леснотија луѓето се решаваат да го напуштат својот најдобар пријател. Чувањето миленик треба да биде луксуз, а казните за нечипирање и напуштање ригорозни и неодложни. За да немаме кучиња по улиците и да бидеме како Холандија која сите ја земаат како пример, треба да почнеме да се однесуваме како холанѓани. Да тргнеме од себе, а еднакво важно е сериозно да се поработи на едукација на младите уште од најрана возраст“, вели Петрушевска.
Сличен апел имаат и од здружението ААПЖ.
„Сопствениците на кучиња или мачиња мора да ги стерилизираат своите миленици. Особено доколку не се подготвени да ги чуваат малечките. Да се фрли живо суштество на улица е навистина грев, тоа е преголема мака и за малечките, и за мајката која останува без нив, но и за совесните граѓани кои понатаму се обидуваат да ги спасат малите. Да не зворуваме за финансиските трошоци во сиот овој процес. Имаме долг пат до развивање на свеста кај граѓаните дека сечиј живот е важен. Во случајов, петте кутриња ја имаа сета среќа и се надеваме дека ќе го поминат критичниот период и дека понатаму ќе бидат вдомени кај семејства што ќе се грижат за нив“, велат од ААПЖ.