Полициски тимови со околу 20 службеници, месно население и кучиња трагачи се во активна потрага по двегодишната Наде од кичевското село Кленоец, која што вчера исчезнала кај местото Јарбол.
Веста за исчезнатото девојче ни ја потврди Стефан Димоски, портпарол во СВР Охрид, кој што доава дека иако потрагата трае од вчера, сеуште нема ни трага ни глас од Наде.
„Вчера околу 13:45 часот Наде со нејзиниот вујко и уште едно дете тргнале пеш од селото Кленоец кон Извор. Кај местото Јарболот вујкото забележал дека Наде ја нема и започнал да ја бара. Во полиција, настанот беше пријавен во 20:50, и само по петнаесеттина минути беше формиран тим од 20 полицајци кои што започнаа интензивна потрага по девојчето. Се вклучи и дел од месното население и се трагаше до раните утрински часови. Потрагата денес продолжи, а вклучени се и кучиња трагачи. Ги информираме сите кои што имаат било каква информација за девојчето, да се јават во полиција“ – ни кажа во телефонски разговор Димоски.
Наде има долга руса коса, и била облечена во шарена блуза, носела бели чевли и розево детско ранче.
Димоски додава дека додека не се завршат сите административни формалности, не може да биде објавена фотографијата од исчезнатото девојче.
Вики Клинчарова