Кучето од расата Булмастиф кое се чува како домашен миленик не може да нападне од страв, туку поради агресивност која ја добило од својот сопственик, објави „А1он“.
Оттаму добиле информации од пансионот за обука на кучиња „Ристе Гиовски Тим“ од каде објаснуваат кои се причините за големата трагедија во скопска Пинтија, која ја потресе Македонија, во која осумгодишно дете почина по напад од куче од расата Булмастиф.
Од пансионот велат дека „ниедно куче не е родено со агресија, таа е стекната при воспитувањето на кучето“.
„Секое куче без разлика на расата во зависност од одгледувањето во домашната средина е олицетворение на сопственикот. Ако е со полош карактер, се дресира построго и обратно. За тоа куче да нападне дете треба да биде агресивно многу. Кучињата не ги напаѓаат децата затоа што не гледаат опасност поради висината на децата. Колку е повисок и повозрасен човек, кучето чувствува поголем страв и може да нападне. Но, домашниот Булмастиф не нападнал од страв. Тоа мора да е агресивно и поради тоа нападнало. Ова куче не напаѓа од страв. А неговата состојба сопственикот морал да ја знае и да го чува во бокс, а не на слобода. Тоа е катастрофа што се случило“ – изјавиле за „А1он“ од „Ристе Гиовски Тим“.