Од изнесените податоци на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација забележително е дека најчести основи за дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми се сексуалната ориентација, која ја има во 37 случаи од вкупните 58 во кои комисијата утврдила дискриминација, потоа дискриминацијата врз родов идентитет, кој е утврден во 30 случаи, како и припадноста на маргинализирана група, основа која е утврдена од страна на комисијата во 21 случај од вкупните 58 случаи со утврдена дискриминација, пишува Смк.мк.
Јавното информирање и медиумите се меѓу областите за кои се поднесуваат често претставки за утврдување дискриминација пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Право да поднесе претставка има секој граѓанин, група, организација, претпријатие, политичка партија…секој оној што смета дека е дискриминиран со нечиј јавно искажан збор, дали на традиционалните медиуми, на интернет порталите или на социјалните медиуми.[i]
Институтот за медиуми и аналитика ИМА ги анализираше податоците со преставките до КСЗД поднесени во областа на јавно информирање и медиуми. Заклучно со 3 ноември, 2023 година, до Комисијата се поднесени вкупно 868 претставки во сите области, а 337 од нив се однесуваат на областа јавно информирање и медиуми, односно 39 отсто од вкупниот број поднесени претставки.
Подетално, во 2021 година биле поднесени 17 претставки, во 2022 година бројката е 76, додека оваа, 2023 година, биле поднесени 244 претставки по овој основ. Зголемувањето на претставките од година во година зборува за тоа дека оние, кои се сметаат за дискриминирани преку јавен настап, имаат сè поголема доверба во комисијата. Покрај издадените мислења во однос на претставките, КСЗД има покренато и три постапки по службена должност, една во 2021 година, и две во 2022 година.
Во 58 предмети е утврдена дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми
Од поднесените 337 претставки во областа на јавно информирање и медиуми, во 58 случаи комисијата утврдила дека постои дискриминација. Во 8 случаи тоа било во 2021 година, во 37 во 2022 и во 13 предмети во 2023 година.
Од КСЗД за ИМА информираат дека дискриминацијата најчесто е утврдена во форма на вознемирување или како и повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, а во дел од случаите се утврдени и двете форми истовремено. Поголем број од случаите, или 38, се утврдени како вознемирувачки говор, односно повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација насочен кон припадниците на ЛГБТИ+ заедницата врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група и други основи.
Според Комисијата, утврдени се 14 случаи на вознемирување, односно повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз национална или етничка основа, од кои во пет случаи кон граѓани, кои се посочени во претставката дека се со бугарско национално самосознание, во два случаи кон граѓани кои се припадници на ромската етничка заедница, исто така во два случаи врз граѓаните кои се припадници на турската етничка заедница, во по еден случај кон припадниците на албанската етничка заедница и граѓаните со бугарско национално самосознание, а во еден случај врз припадниците на албанската етничка заедница и Македонците со муслиманска вероисповед врз основа на верска припадност.
Комисијата утврдила и два случаи, во кои дискриминирачкиот говор врз етничка и друга основа бил насочен кон конкретни лица кои биле подносители на претставката – во првиот врз припадничка на бошњачката етничка заедница, а во вториот случај врз припадник на влашката етничка заедница како и воопшто врз граѓаните кои се припадници на истата етничка заедница.
Во останатите 6 случаи, утврден е еден со вознемирувачки говор врз лицата со попреченост, еден случај на вознемирување и сексуално вознемирување врз сексуалните работнички, два случаи врз граѓанки врз основа на пол, род и други основи, еден случај на вознемирување врз основа на политичко и друго уверување, како и еден случај на сексуално вознемирување кон граѓанка врз основа на пол и род.
Лимко Бејзароски, потпретседател и член на Комисијата, во врска со овие 58 случаи во кои е утврдена дискриминација во областа на јавно информирање и медиуми, за ИМА ја пренесува фактичката состојба – колку од постапките завршиле со јавно извинување кон жртвите, во колку постапки се испочитувани препораките кои Комисијата ги наведува во мислењата за предметите и што се случува со оние предмети во кои дискриминаторите не го испочитувале мислењето на КСЗД?
„Според нашата статистика, генералниот процент на исполнување на препораките (јавно извинување и други препораки) е поголем од 70 отсто, што укажува на тоа дека поголем број од дискриминаторите ја сфатиле улогата на комисијата, а уште подобро дека сфатиле оти сториле некаков вид дискриминација од областа на јавно информирање и медиуми. Во сите останати случаи поднесуваме барања за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд. Со поднесувањето на барањето за поведување на прекршочна постапка завршуваат законските надлежности на комисијата, односно тука е завршницата на случајот, понатаму судот одлучува дали ќе води постапка и дали прекршочно ќе го казни тој што не постапил по препораката изнесена во нашето мислење за конкретниот случај. Ова упатува на заклучокот дека завршница има во сите случаи од наша страна, во смисла на преземени активности согласно надлежностите на КСЗД“, анализира Бејзаровски за ИМА.