Емилија Заева нема поднесено анкетен лист, иако е директор на Комунално претпријатие во Валандово

-Државната комисија за спречување на корупцијата ве известува дека лицето Емилија Заева Костова нема поднесено анкетен лист по избор/именување на функцијата директор на Јавното комунално претпријатие во Валандово, се вели во одговорот од ДКСК за „Фокус“.

by fokus

Емилја Заева Костова која беше спомената во вчерашното писмо на австрискиот амбасадор, Георг Вуцас, е директорка на Јавното комунално претпријатие во Валандово, но откако е именувана, нема поднесено анкетен лист.

Нејзиниот анкетен лист не може да се најде меѓу јавно достапните, но и од Државната комисијата за спречување на корупцијата за „Фокус“ потврдија дека Заева нема поднесено, иако тоа е законска обврска за сите именувани и избрани функционери.

-Државната комисија за спречување на корупцијата ве известува дека лицето Емилија Заева Костова нема поднесено анкетен лист по избор/именување на функцијата директор на Јавното комунално претпријатие во Валандово, се вели во одговорот од ДКСК за „Фокус“.

Австрискиот амбасадор вчера испрати допис до медиумите со остра реторика и побара смена на судии, обвинители, нотари и извршители и обвини дека валандовската фирма за производство на корнишони, „ДЕНА продукт“ преку влијание избегнува да плати отштета на австрискаата фирма „АММА ДОО Хоенемс“.

Во писмото амбасадорот пишува дека сопственик на „ДЕНА продукт“ е Атанас Костов, кој е сопруг на Емилија Заева Костова, братучетка на поранешниот премиер, Зоран Заев.

Исто така, амбасадорот обвини дека „ДЕНА продукт“ префрлила најголем дел од имотот на компанијата „Глобал трејд“, која е во сопственост, токму на Емилија Заева.

За овој спор неделникот „Фокус“ пишуваше на почетокот на јуни и како што објавивме од јануари австриската компанија не може да наплати  над 4 милиони евра отштета од валандовската фирма, иако има пресуда на Арбитражниот суд во Виена.

Како што пишувавме, додека се потврдува оваа арбитражна одлука пред македонските судови, валандовската компанија го префрлала својот имот, а последно, за на 10 јули закажала наддавање за продажба на стаклениците, со што како што велат од амбасадата, ако се продадат, компанијата со сигурност ќе нема имот од кои ќе може да се наплатат барањата.

Валандовската компанија го прекршила договорот за ексклузивност што го имала со Австријците, продавајќи ги корнишоните од прва класа на германска конкурентска фирма.

Во Обвинителството австриската компанија поднела три кривични пријави и се постапува за оштетување на доверители, но се води истрага и за вработени во Катастарот.

По писмото на австрискиот амбасадор не престануваат реакциите во јавноста, а поранешниот премиер порача дека нема никаква врска со овој спор меѓу двете фирми и најави дека ќе поднесе тужба против австрискиот амбасадор, ако уште еднаш го спомене неговото име во негативна конотација.

(АРХИВА) Австриска компанија се мачи да наплати долг од 4 милиони евра од валандовска фирма за корнишони!

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости