Крвнички претепана жена на 8ми март пред соседите во Аеродром

by Fokus

36-годишна жена е брутално претепана дента на 8ми март во скопската општина Аеродром од страна на нејзиниот љубовник. Тепањето се случило пред очите на соседите, но иако реагирале, не успеале да ја заштитат жртвата.

Сведоците на бруталниот настан одбиваат да зборуваат со име и презиме, но не го сокриваат својот ужас од настанот.

„Се плашам, не знам што може да ми направи“, вели една жена што го посведочила насилството.

Мажот толку се изживувал врз жената што морале да се вмешаат продавачки од локалниот маркет. Откако му било речено дека е викната полиција, насилникот се повлекол и избегал.

Случајот се најде и во билтенот наредниот ден. Од МВР соопштија само дека 36 годишна жена пријавила во полиција дека била нападната од 41-годишен маж од Скопје. Од полицијата одбиваат да откриваат повеќе детали поради сензитивноста на случајот. Во ваква ситуација жртвата мора да се заштити од двојна виктимизација.

Но она што МВР треба да го направи е да ја заштити жртвата, така што ќе го приведе насилникот, а дали го прави тоа? На прашање од „Фокус“ дали е напаѓачот уапсен, дали е викнат во полиција на разговор, дали е поднесена кривична пријава против него, од полицијата добивме само формален одговор дека се работи на случајот и дека ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Три дена по нападот се уште се работи на случајот. Паралелно, пак, во општеството во тек е дебата за правата на жените. Имено, нападот се случил во исто време додека траеше маршот за правата на жените насловен „Ќе преживее ли жената овде?“ Да е ситуацијата уште поапсурдна маршот и апелите на жените за еднакви права наредниот ден беа исмејувани и понижувани од јавноста на социјалните мрежи. Поразително е тоа што меѓу критизерите и овој пат предничеа жени.

 

Поврзани новости