Крвната плазма може да спаси живот, порачува пациент кој бил заразен од Ковид 19

by Fokus

Дваесет и осумгодишниот дипломиран психолог Ѓоко Бухов е само уште еден од пациентите кои се соочи очи во очи со опасниот вирус од кои досега во земјава се заразија речиси 30.000 пациенти.

„Мојата борба со ковид-19 започна еден најобичен ден кога после семејниот ручек ми се покачи температурата на 37.2 степени. По направена консултација со лекар, дојдоа до заклучок дека треба да закажам тестирање. Како деновите минуваа така мојата состојба се влошуваше, температурата се покачи на 38.5, болки во коските, малаксаност. Исто како и сезонски грип, но симптомите беа изразени на многу поголемо ниво. Во тој
момент бев убеден дека сум позитивен, а со пристигање на позитивниот резултат на тестот само се потврдија моите сомнежи – раскажува Бухов за „Фокус“.

Тој додава дека по консултација со лекар отишол на Клиниката за инфективни болести каде што го прегледале и заклучиле дека моментална состојба не е за хоспитализирање.

„Сакам да изразам голема благодарност до Др. Милена Стевановиќ за професионалноста и несебичната пожртвуваност која секојдневно ја прави заедно со нејзиниот тим. После 7 дена,  температурата почна пополека да се симнува, но тогаш ги изгубив вкусот и мирисот. Целата моја борба траеше 22 дена, и потоа дојде долго очекуваниот негативен тест – вели 28-годишниот пациент.

Според него, и покрај тоа што ги почитувал препораките, очигледно тоа не било доволно.

„Се заразив со Ковид-19 и ги ставив во опасност моите родители и најблиски пријатели.  Сите 14 дена додека траеше изолацијата на моите контакти размислував и се молев  да не сум им ја пренел оваа сериозна, непредвидлива и одвратна болест. Кога веќе ја завршив личната борба со короната почувствував морална должност да помогнам колку што можам. Прво се јавив во Институтот за трансфузиологија и закажав термин за проверка на количина на антитела во мојот организам. Отидов, ми направија анкета и ме препратија повторно на Клиниката за инфективни болести каде бесплатно во стерилниот дел ми земаа ковид брис и крв за да ги направат потребните испитувања за антитела. По неколку денови ми се јавија и ми кажаа дека моите резултати се во ред и дека имам да дарувам крвна плазма доколку се одлучам. Без размилување прифатив и донирав – раскажува Бухов.

Тој ја објаснува целата процедура на дарување крвна плазма, за која вели дека не траело повеќе од половина час.

Мојот апел до сите нас кои се „пазевме”  и успеавме да се заразиме со ковид е сега да помогнеме колку што можеме, а тоа е многу просто. Сите кои прележавме да отидеме и за 0 денари да се провериме дали ги исполнуваме условите за дарување крвна плазма. Затоа што таа наша крвна плазма може да спаси човечки живот – додава 28-годишниот пациент.

Ирена Мулачка

Поврзани новости