Томе Христоски, градоначалникот на Општина Крушево, вчера на својата официјална Фејсбук страница објави дека ненајавен им отишол во посета на вработените во спомен куќата ,,Тодор Проески”, по низата критики од граѓаните на сметка на нивното работење.
Имено, критиките најчесто биле наменети на непочитување на работното време, односно почитувачи на делото на Тоше во повеќе наврати на социјалните мрежи реагираа дека наишле на затворени врати на спомен куќата и во тек на работното време.
-По реакциите на граѓаните, усно ги опоменав вработените во спомен куќата и им кажав дека мора да бидат професионални и не смеат да го рушат делото и угледот на Проески – напиша вчера Христоски, по што дел од граѓаните коментираа дека бил среќен што го затекнал музејот отворен. Но, набргу по објавата, од нему познати причини, тој се премислил, и ја едитирал, односно го избришал делот со критикувањето на вработените.
-Ја посетив спомен куќата ,,Тодор Проески”, разговарав со вработените и со директорката за состојбата со спомен куќата и важноста од професионално раководење и работење со овој објект, изграден во чест на нашиот Тоше- се вели во новата објава.
Спомен куќата ,,Тодор Проески” се градеше две години и беше отворена на 25-ти јануари 2011 година. Во неа доаѓаат фанови на легендарната музичка ѕвезда од сите краеви на светот. На официјалната страница информираат дека работното време е секој ден од девет до 16 часот, освен во понеделник, кога е затворена за посетители.
Вики Клинчарова