Крушево се загрева за фестивал: Организаторите со две измени поради пандемијата

by Fokus

Во Крушево од 1 до 10 август по четвртипат ќе се одржи фестивалот „When in Krushevo“, но оваа година во подруг формат од изминатите изданија.

Во рамки на фестивалот и оваа година се вклучени многу спортски активности и поволности: адреналински параглајдинг погледи, незаборавни јавања низ крушевската природа, велосипедски и планинарски тури низ прекрасните предели на Бушева планина, трчање, кајак, качување на вештачка карпа и други настани.

Петар Дамчески кој е во тимот на фестивалот, вели дека за оваа година се направени две важни промени, поради состојбата со корона вирусот.

„Оваа година фестивалот ќе трае 10 дена. Целта е луѓето да дојдат во повеќе дена и да не биде се збиено во еден викенд и да настане хаос. За разлика од претходните години, оваа година нема кампување и нема концерти и забави, нешто што беше одлика на фестивалот. Самите учесници при доаѓањето во градот потпишуваат изјава дека ќе ги почитуваат препораките и апелираме на држење дистанца, да нема групирања, со цел да се заштитиме од корона вирусот“, ни изјави Дамчески.

Како што вели нашиот соговорник, тие ќе се потрудат фестивалот да помине во најдобар ред.

„Секој е должен да си се штити за своето здравје. Тврдам дека кај нас нема да има собирања и забави, како што имаше во некои дискотеки низ земјава. Ние како организатори ќе се потрудиме се да помине во најдобар ред“, посочи Дамчески.

Десетдневната карта за фестивалот изнесува 400 денари. Со истата се добива фестивалска маичка, подароци од партнерите и поддржувачите на фестивалот, како и бројни поволности и попусти.

Картата може да се купи онлајн на МкТикетс или преку нивната продажна мрежа.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости