Денес се навршуваат 17 години од трагичната смрт на легендарниот пејач и голем хуманитарец, Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.
Неговото заминување го погоди целиот регион, а во Нова Градишка, сите овие години му се оддава почит на младиот музичар, со полагање на венец на неговиот споменик.
Лани, во негова чест во Нова Градишка беше откриена и негова статуа, каде почитувачите често оставаат букети цвеќе.
Годинава пак, за време на викендот, во посета на Нова Градишка замина крушевскиот градоначалник Томе Христоски со делегација од родниот град на Тоше.
Во саботата, македонската делегација, заедно со Винко Гргиќ, градоначалникот на Нова Градишка, како и хрватска делегација, се собраа пред споменикот на Тоше и положија венци.
-Веќе 17 години не поминува тагата за нашиот голем музичар и голем хуманитарец Тоше Проески. Оваа тажна годишнина не поврза, но и создаде едно големо пријателство помеѓу Крушево и Нова Градишка, помеѓу Македонија и Хрватска. Се заблагодарувам на градоначалникот Гргиќ, се заблагодарувам на Нова Градишка, и на сите кои се залагаат ова пријателство помеѓу нашите градови да се развива и да не се заборави ликот и делото на нашата музичка икона, порача од Нова Градишка крушевскиот градоначалник Христоски.
За време на настанот со кој започна одбележувањето на 17-годишнината од смртта на Тоше, и од хрватската делегација порачаа дека секоја година заедно со крушевската делегација се собираат пред споменикот на Тоше во Нова Градишка, за да му оддадат почит.
-Трагедијата не поврза, и се трудиме да го одржиме нашето пријателство, од кое се изроди соработка на спортски и други полиња. Се надеваме дека традицијата ќе продолжи. Не посетуваат велосипедистите од Македонија, ни доаѓаат и маратонците кои секоја година трчаат до родниот град на Тоше, кажа заменик градоначалникот на Нова Градишка, Борислав Видошиќ.
Во чест на Тоше, денес социјалните мрежи во земјава, но и во регионот се прпелавени со негови фотографии, видеа од неговите хитови, а бројни познаници и соработници на Проески споделуваат и анегдоти за него, и се потсетуваат на неговата големина како музичар, но пред се како човек.
Вики Клинчарова