Крушево домаќин на првиот Фестивал на храната

by fokus

Во градскиот парк во Крушево се одржа првиот Фестивал на храната во организација на крушевското средно училиште „Наум Наумовски Борче“.

Околу 30 учесници, ученици во туристичко-угостителските насоки од училиштата од Крушево, Тетово, Штип, Кратово, од Скопје и Гевгелија, потоа гости-учесници од средното училиште од збратимениот град Печуј од Унгарија и учесници од Факултетот за туризам при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ја покажаа умешноста во приготвувањето на традиционалните јадења од својот крај, но мораа да приготват  и по еден крушевски специјалитет.

Присутните имаа прилика да ги вкусат јадењата, а посебна комисија ги оцени гурманските квалитети на приготвените јадења. Сите учесници добија благодарници, а првото место го освоија учесниците од средното училиште „Коле Нехтенин“ од Штип. Се оценуваа само крушевските јадења.

Според Љупчо Крстевски, професор по агенциско работење и практична настава по гастрономија во крушевското средно училиште „Наум Наумоски Борче“ намерата е фестивалот да прерасне во традиционален и меѓународен.

– Учесниците одлично се покажаа во приготвувањето јадења. Целта ни е да ги промовираме умешностите на учениците и на училиштата, развој на туризмот и на угостителството, а од в година Фестивалот ќе прерасне во меѓународен, рече Крстевски.

Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски изрази задоволство што еден ваков настан се организира во Крушево.

– Овој фестивал во иднина го гледам како уште еден настан кој ќе привлекува туристи, а Крушево ќе го промовира како туристичка дестинација со многу нешта кои можат да се видат и да се пробаат. Гимназијата „Наум Наумовски Борче“ покажува вистинска иновативност со организацијата на вакви настани и ги вклучува нашите ученици во активности кои се поинтересни за самите ученици и ја поттикнува нивната креативност, порача Христоски.

Поврзани новости