Кругот на одговорноста се шири, и Агенција за цивилно воздухопловство со зелено светло за позајмицата од 7 милиони евра

by irena 12:28
12:28

Иако партиските вработувања играат клучна улога во Македонска навигација, сепак тоа што ја разниша уште толку довербата во ова воздухопловно тело е позајмицата од 7 милиони евра, за која пред два месеца објави „Фокус“, а која легна на сметка на владата за потребите на Претпријатието за јавни патишта. Тоа беше чашата што се прели кај дел од вработените, па тие поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството за организиран криминал.

Не беше проблемот што беа позајмени пари, туку дека Македонска навигација е институција, во која во никој случај владата не смее да посегне да позајми пари, како што може во случајот со Лотарија и МЕПСО.

„Фокус“ располага со нови документи каде што од Агенција за цивилно воздухопловство на чело со Драги Стојаноски испраќа мислење до Македонска навигација, поточно до финансискиот директор Фатмир Зибери на 16 јули, 2026 година во кое објаснува со сите проблеми, со кои ќе се соочи М-НАВ ако ја одобри позајмицата на владата од 7 милиони евра, но сепак на крај дава зелено светло.

Согласно принципите на Еуроконтрол, провајдер на навигациски услуги не смее да позајмува средствата собрани преку unit rate, nа јавни претпријатија или да ги троши за други цели што не спаѓаат во прифатливи трошоци.
Дополнително, документот на Еуроконтрол, кој ги разработува принципите од спогодбата недвосмислено наведува:

„Приходите добиени преку надоместоците за рута, утврдени во соогласност со овие принципи, не смеат да се користат за финансирање комерцијални активности на давателите на услуги за воздушна навигација.“

 

Затоа и е поднесена уште една кривична пријава на 15 јули 2026 година, за што подоцна на 27 јули е направено дополнување на истата пријава.

„Дејствието на давање позајмица на друго јавно претпријатие, иако навидум оправдано со одлука на основачот (Владата) претставува грубо кршење на основните принципи на работењето на М-НАВ и директно ја загрозува неговата финансиска стабилност и меѓународен кредибилитет. Тоа е кршење на ратификуван меѓународен договор и принципите на Еуроконтрол.

 

Со ова дејствие, пријавените во својство на одговорни лица, свесно и со намера ги злоупотребиле своите овластувања и постапиле спротивно на меѓународните обврски и принципи, кои го регулираат финансирањето на давателите на услуги во воздушната навигација, со што прибавиле противимотна корист за друг (ЈП за државни патишта) и предизвикале, односно можеле да предзвикаат значителна штета на М-НАВ АД Скопје“, се наведува во дополнетата кривична пријава.

Во 1998 година, Македонија ја има ратификувано Мултилатералната спогодба за надоместоци за прелети. Согласно Уставот, ратификуваните меѓународни договори се составен дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Спогодбата воспоставува заеднички систем за наплата на надоместоци на авиокомпаниите, кои се строго наменски. Целта на системот е исклучиво покривање на трошоците поврзани со обезбедувањето на услугите на воздушната навигација.

„Давањето позајмица на Јавното претпријатие за државни патишта очигледно не претставува трошок за маршрутни навигациски уреди и служби. Со ова дејствие, пријавените ги пренамениле средствата собрани од авиокомпаниите за цел, која е целосно надвор од рамките на ратификуваниот меѓународен договор, со што директно го прекршиле законот. Со давањето на позајмицата, пријавените создаваат вештачки одлив на средства, кој М-НАВ ќе мора да ги прикаже во своите финансиски извештаи.

 

При редовната ревизија од Еуроконтрол, овој одлив од 7.000.000 евра ќе биде квалификуван како неприфатлив трошок, бидејќи не е направен за целите дефинирани во Мултилатералната спогодба.

 

Како резултат на тоа, Еуроконтрол ќе изврши фнансиска корекција на одобрената тарифа, што практично значи дека во следниот период буџетот на М-НАВ ќе биде намален за износот на неправилно потрошените средства“, продолжува понатаму во кривичната пријава.

Според документите со кои располагаме, Македонска навигација, на 29 јули 2022 година потпишува договор за заем од ЕБОР, во вредност од 9.770.000 евра, како и договор со Комерцијална банка во вредност од 5.000.000 евра, додека, пак, на 13 февруари 2023 година, М-НАВ склучува договор за техничка помош од ЕБОР, од каде што добиле грант од 406.000 евра. Тоа значи дека имаат долг од околу 15 милиони евра.

Заклучно, со крајот на 2025 година, со средствата обезбедени со Договорот за заем за реализација на проектите биле исплатени 3.874.381 евро, додека од договорот за техничка помош биле исплатени 244.057 евра.

Позајмицата од владата е вратена, но, според последната кривична пријава, поднесена на 18 август 2026 година, откако владата ја доби позајмицата во девизи, враќањето го извршува во денари, со што М-НАВ претрпува директна штета од 50.000 евра, за што дополнително се товарат пријавените.

Ирена МУЛАЧКА

 

Слични вести