Пратеникот Антонио Милошоски на социјалната мрежа фејсбук објави дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) води истрага против него, па дури и објави документи, кои СЈО ги барало од Центарлниот регистар и министерството за транспорт и врски за да ја проверат неговата имотна состојба. Од СЈО истакнуваат дека протекувањето на вакви документи во јавност е недозволено, бидејќи предистражните постапки се тајни.
(Документите кои на својот фејсбук профил ги објави Антонио Милошоски)
Од СЈО појаснуваат дека во моментот водат повеќе финансиски истраги за повеќе лица, па во таа насока ја проверуваат имотната состојба на лицата кои им се таргет, што значи дека се должни од сите институции да испратат барања за да ја дознаат имотната состојба на осомничените.
-Пред ова Јавно обвинителство се водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување на финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење. Проверката на имотната состојба подразбира детални проверки за целокупниот имот што лицата може да го поседуваат и тоа, како недвижен, така и подвижен имот, се вели во соопштението на СЈО.
Оттаму појаснуваат дека во оваа насока испратени се голем број на барања до различни институции, со напомена дека бараните податоци се во врска со предистражни постапки.
-Предвид наведеното укажуваме државните институциите да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои, согласно законските прописи, се тајни. Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи, велат од СЈО.