Кровот во училиштето протекува, ама по избори ќе се среди!

by fokus

Откако започна дождливиот период во земјава, голем број на родители, ученици и наставници од Основното училиште „Петар Мусев“ во Богданци револтирано реагираа на социјалните мрежи, појаснувајќи дека кровот протекува.

Се објавија фотографии на кои се гледаат кофи среде училиштето, а локалните средства за информирање го споредија со швајцарско сирење, со тврдења дека изведбата на градежните активности била темпирана со датум поблиску до изборите, а кровот кој изнесувал 127 за метар квадратен прокиснувал.

На обвинувањата јавно одговори градоначалникот Блаже Шапов, според кого протекувањето на кровот не е ништо ново, и побара од родителите, учениците и наставниците да бидат воздржани, бидејќи неговата реконструкција ќе била финализирана за многу кратко време.

-Кровот во ОУ Петар Мусев протекува 20-тина години, денешните слики и состојба не е нешто ново. Но, во моменти кога се веќе обезбедени средства за целосна реконструкција која е во тек, ве повикувам да бидете воздржани до целосно завршување на градежните активности кои треба да се финализираат за многу краток временски рок.

Со тоа ќе биде решен повеќедеценискиот проблем, а безбедноста на нашите деца и на персоналот во училиштето ќе биде на највисоко ниво-информира Шапов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости