Со влегувањето во четвртфиналето ја постигнавме минималната цел, главната е освојување на Европското првенство, изјави германскиот фудбалски репрезентативец Тони Крос пред натпреварот против Шпанија утре од 18 часот.
Тој натпревар ќе се одигра во Штутгарт и заедно со средбата меѓу Франција и Португалија може да се нарече дерби на оваа фаза од ЕУРО 2024.
Домаќинот Германија ќе игра против противникот кој според многумина остави најдобар впечаток на шампионатот досега.
„Уште еднаш ќе повторам, летово ги играм последните натпревари на фудбалските терени. Но, верувам дека крајот нема да се случи овој петок. Како и сите во репрезентацијата, верувам во победа против силната Шпанија. Ние имаме голема желба, на крајот гледаме само кон себе, кон конечниот триумф, мислам дека сме способни за тоа, без разлика кој ќе ни биде на патот“ – нагласи Крос
Легендарниот играч за врска во кариерата одигра 113 натпревари за германската репрезентација и постигна 17 голови.
Германија во осминафиналето ја совлада Данска со 2:0, додека во групата беше подобра од Шкотска со 5:1 и Унгарија со 2:0, додека единствениот меч без победа и беше ремито 1:1 против селекцијата на Швајцарија.