Кронизам, непотизам и политички садизам

by Fokus

Немањето желба, сила, волја, знаење и умеење, а најмногу поради личните интереси, вистински реформи во Македонија не се извршени никогаш. Едните ги наследуваат, другите и седнуваат во истите фотелји со истиот ментален склоп и само го продолжуваат она што претходните го почнале, полнејќи го својот џеб и банкарско конто

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Балканскиот Полуостров или само Балкан е полуостров во Европа и е културен и геополитички европски регион, пишува во најголемиот број на енциклопедии или на Интернет, кога ќе го побарате зборот Балкан. Балканскиот Полуостров опфаќа територија од околу 550.000 километри квадратни и има околу 55 милиони жители. Името на полуостровот е од турско потекло или поточно од турскиот збор „Balkan“, што значи „ланец пошумени шуми“, а како граници на Балканскиот Полуостров се сметаат водните површини кои го заобиколуваат полуостровот и тоа Црно Море, Егејско Море, Јадранско Море и реките Сава и Дунав.

Во денешните политички кулоари кои не гледаат баш наклонето кон Балканот и кои не го сметаат како вистински дел од Европа, полуостров е познат и под терминот Југоисточна Европа. Уште многу работи ќе најдете за Балканот и балканските народи, за нивната историја и традиција, за нивните обичаи и култура, за нивните востанија, буни, борби и војни, за нивните караници и мирења, за нивните делби и поделби. Но, она што нема да го најдете, а што го знаат само луѓето кои живеат на овие простори е дека сме ние во постојана борба и војна со сè и сешто и дека постојано патуваме и талкаме низ времето и процесите.

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА

Она што важи за Балканот, секако, важи и за Македонија, дури би рекол дека таа е пример за сето она што му се случува на Балканот. Се боревме некогаш во минатото со вистински непријатели од крв и месо и секоја борба или војна завршуваше, со победа или пораз, но завршуваше, имаше крај. Се боревме со Турците, па со Бугарите, Грците, Србите, Албанците, Германците, се убивавме и војувавме сами против себе но секогаш на тоа имаше крај и секогаш беше присутна идејата водилка, вечниот сон, самостојна и независна Македонија. Се случи и тоа и таман помисливме дека на страдањата им дошол крајот, дека повеќе нема борби и војни, дека нема талкања низ времето и дека генерации на овој народ ќе проживеат во мир и спокој, свои на своето, почна војна без оружје, без непријател од крв и месо, војна во која се бориме со странските зборови поопасни и поубиствени од било која пушка или сабја.

Не попусто рекле старите дека зборот убива побрзо и посигурно од секоја пушка. Првите жртви ги однесе транзицијата, или процecот на ” приватизација” на општествената сопственост и капитал кои од сечии станаа бесплатно лоповски нечии. Врхушката и политичката и стопанската преку ноќ станаа богаташи и бизнисмени, ограбувајќи го и присвојувајќи го она што со децении го создавале сите. Илјадници луѓе паднаа како жртви и останаа без работа и на улица во оваа бескрупулозна и криминална војна. Огромни капацитети кои произведуваа бродски лим, тенковски укопни системи, сопирачки за шински возила, возила и делови за возила намерно се уништија и обезвреднија.

ПРОКЛАМИРАНА ЕДНАКВОСТ

Потоа, а делумно и поради ваквата транзиција и променетите општествени околности, односи и уредувањето, кое од прокламирана еднаквост на луѓето премина во озаконета и фактичка нееднаквост, отвори нова страница на предизвиците со кои треба овој народ да се бори, а тоа е корупцијата. Корупција претставува злоупотреба на службената положба за остварување незаконска лична добивка. Формите на корупција се различни но вклучуваат: поткупување, изнуда, протекции, непотизам, покровителство, мито и проневера на пари. Зборот „корумпиран“ потекнува од латинскиот збор „corruptus“, кој кога се користи како придавка буквално значи „крајно расипан“.

Корупцијата е сериозен проблем и предизвик во развојот на една држава и општество и влијае на секој сегмент изместувајќи го од нормалата. Корупцијата ја поткопува демократијата и доброто управување, ја намалува одговорноста и ги искривува вредностите и го релативизира владеењето на правото и овозможува политиката и корупцијата да завладеат и со судството. Се прават компромиси со владеењето на правото , а во јавната администрација резултатот од корупцијата е неефикасното и условено обезбедување на услуги. Корупцијата врши еродирање на институционалниот капацитет на власта и резултира со занемарување на процедурите, заменување на ресурсите, со „купувањето“ и „продавањето“ на јавните функции. Во исто време корупцијата ги поткопува демократските вредности на довербата и толеранцијата.

КЛИЕНТЕЛИСТИЧКО СУДСТВО

Покрај корупцијата овој народ мораше да се справува и со уште еден куп странски зборови, кои звучеа убаво, но создаваа состојби на крајна правна, политичка, економска и социјална несигурност или истата ја отсликуваа. Овој народ мораше да се соочи со кохабитацијата, затоа што Премиерот и Претседателот не беа од иста политичка партија, а партиските интереси се ставаа пред државните. Како логично продолжение на состојбите во државата и главите на политичарите почна да се користи аболиција , ветинг, реевалуација и уште многу вакви зборови, кои имаат свое значење, но не најдоа и примена во пракса, затоа што никој немаше ниту волја, ниту желба да се направат вистински коренити реформи, кои би довеле до промени.

Наместо реформи, транспарентност, отчетност, демократија, еднаквост пред законите,владеење на правото, власта ги негуваше клиентелизмот, непотизмот,кронизмот и меритокрација. Секој од овие зборови означува искривени правила кои важат за едни, а не за другите, а кои доведуваат до разнебитување на правниот систем. Немањето на желба, сила, волја, знаење и умеење, а најмногу поради личните интереси, вистински реформи во Македонија не се извршени никогаш. Едните ги наследуваат другите и седнуваат во истите фотелји со истиот ментален склоп и само го продолжуваат она што претходните го почнале, полнејќи го својот џеб и банкарско конто.

Токму затоа Македонија е заробена држава, удавена во корупција, со разнебитен правен систем и клиентелистичко судство, со селективна правда ии нееднаквост пред законот, земја на недопирливи поединци кои се над законот. А, можеше да биде земја на езерата, на иконите,црквата и на верата, земја на водите и војводите, земја на брезите и залезите. Можевме со гордо крената глава да кажеме дека сме родени во земјата на честа и славата.

 

Поврзани новости