Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, во денешното гостување на МРТ рече дека цената на кромидот достигнува до 100 денари за килограм, иако неговата реална цена е двојно пониска, односно треба да биде до 50 денари. Како што претходно соопштија од Министерството за земјоделство, ја поддржуваат идејата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, за што Владата утре ќе одлучува.
-Ова е време за солидарност, а не за профитерство. Јас нема да дозволам никој да се збогати на грбот на земјоделците и граѓаните. Производствена цена на кромидот е околу 20 денари по килограм за работна сила и дополнителни трошоци, а тоа значи дека со сите останати трошоци на трговецот, реалната цена треба да биде до 50 килограми за килограм – вели Николовски.
Според претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангелоски, причината за толкавото поскапување на кромидот веројатно е во големата побарувачка на сметка на понудата.
-Имаме добиено десетина барања од европски компании за откуп на кромид од земјава. Дефинитивно постои недостиг на овој производ на европскиот пазар. Претпоставувам дека тоа е причината за вака високата цена. Живееме во реален свет. Ако има поголема побарувачка од понуда, секогаш цените растат – рече претседателот на ССК.