Секогаш кога политичките претставници на Албанците го прекршуваат Уставот или законите, се повикуваат, односно ги обвинуваат за албанофобија, оние кои го констатирале прекршувањето, нагласи пратеникот Борислав Крмов, на собраниска Седница за интерпелација на собранискиот спикер, Африм Гаши.
„Мене ми е многу интересно како секогаш кога политичките претставници на албанското малцинство се повикани да НЕ ги кршат Уставот и законите, малтене секојдневно, тоа се толкува како национализам или албанофобија?! – Небаре, нивно етничко право е да ги кршат Уставот и законите секогаш кога ќе посакаат!“ рече Крмов.
Во продолжение, зборувајќи за инцидентот на скопскиот аеродром, Крмов откри детали, за кои, како што рече, поради политички притисок, ги нема во записникот на МВР. Тој додаде, дека шефот на обезбедувањето на Гаши, ситуацијата ја смирувал со репетиран пиштол вперен кон вработените.
„Гаши го пратил шефот на неговото обезбедување да ја ‘смирува’ ситуацијата и додека бил таму (на аеродромот) се заканувал, туркал (според сведоци и иако не е влезено во извештајот на МВР) тој извадил и пиштол. Тој пробал да ја ‘смири’ ситуацијата со репетирање пиштол, кој го вперил во вработените!“ порача тој.
Крмов беше дециден дека ова е скандал за којшто не треба да се чека интерпелација, туку напротив, Гаши сам треба да си поднесе оставка.
Според него, Претседателот на Собранието се однесува како племенски поглавар, а не како државен функционер.
„Гаши треба веднаш да си поднесе оставка! Ако претседателката на Косово му е поблиска заради нејзината етничка припадност, не може човек што ја држи втората најбитна функција во државата, понекогаш и најбитна, да размислува етнички наместо државнички. Гаши не е племенски поглавар!“ – порача пратеникот.