Крмов не го повлекол потписот, „Алтернатива“ сепак ќе гласа

by fokus

Името на пратеникот Борислав Крмов го нема на списокот меѓу 17-те пратеници кои ги повлекоа своите потписи од иницијативата за гласање на недоверба на Владата која, ревидирана попладнево беше поднесена до претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претходно се најавуваше дека пратениците од „Левица“ и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повлечат потписите, откако тоа го побара пратеникот на „Алтернатива“, Скендер Реџепи, како услов неговиот потпис да остане на списокот.

-Кога ја составувавме листата, Левица не беше дел од неа. Не прифаќам мојот потпис да е дел од списокот заедно со потписот на лидерот на Левица, рече Реџепи пред неколку дена.

Досега, Крмов не одговори на прашањата на „Фокус“ зошто не го повлекол потписот. Не добивме одговор ниту од партискиот лидер Апасиев.

Сепак, денеска од „Алтернатива“ рекоа дека ќе гласаат за недоверба на Владата, бидејќи, како што изјави лидерот Африм Гаши, за нив била важна симболиката.

-За нас важна беше симболиката на таа партија, а тоа е господинот Апасиев. Станува збор за техничко прашање, другиот пратеник не е во Скопје. Кажано е дека во текот на денот ќе го повлече потписот, но повлекувањето на г.Апасиев беше проблем и за г.Реџепи и генерално за Албанците, изјави Гаши.

Инаку, Апасиев на Фејсбук профилот напиша „Политички ГАМБИТ – Пада Влада“, а гамбит е потег во шахот со којшто се жртвува пионот заради побрзо развивање на играта.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред два дена поднесе иницијатива за гласање доверба на Владата на Зоран Заев, на која стоеја потписи на 61 пратеник, меѓу кои, покрај ВМРО-ДПМНЕ, се и пратеници на Алијанса, Алтернатива, Беса и на Левица.

Иницијативата следува откако премиерот, заклучно со понеделникот, не поднесе оставка најавена по локалните избори.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости