Кризната состојба и интерпелацијата за Спасовски на денешната седница во Собрание

by Fokus

За денеска во Собранието е закажана 39. седница на чиј дневен ред се наоѓаат 31 точка, од кои првата е предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на ковид и спречување на негово ширење.

Како последна точка, е интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесена од Зиадин Села, Африм Гаши, Скендер Реџепи, Елми Азири, Сурија Рашиди, Халил Снопче, Илире Даути, Сафије Садики Шаини, Атнан Незири, Абдула Салиу, Артина Ќазими и Хусни Исмаили.

Меѓу останатите точки се предлог-одлуки, како и предлог-закони за измени или дополнувања на постојни законски решенија, како предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка и предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, двата во прво читање, како и предлог-законот за изменување на Законот за енергетска ефикасност, предлог-законот за дополнување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка.

Парламентарното мнозинство очекува дека нема да има проблем за обезбедување на кворум, затоа што, според најавите оттаму, вчера од изолација излегоа двајцата пратеници кои во неделата беа во Собранието во скафандери за да има мнозинство за гласање на законите од 32. седница.

Доколку денеска во Собранието има 61 од вкупно 62 пратеници од мнозинството, според најавите, не е исклучено спикерот Талат Џафери да закаже, во меѓувреме, продолжение и на некои од старите седници, за да може да се донесат закони за кои е завршена расправата.

Во меѓувреме, опозицијата поднесе кривични пријави за непостапување според здравствените прописи против Џафери и пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, поради седницата во неделата, кога двајцата пратеници гласаа изолирани во кабините крај пленарната сала.

 

Поврзани новости