Криза на идентитетот

by Фокус

Се нема доверба ни во полицијата, ни во обвинителството, ни во судството. Затоа тонеме. И премиерот Ковачевски е сосема свесен за огромната корупција и криминал во државава. Ако треба, ќе побарал помош и од надвор. Работата е дојдена до коска. Нема веќе „ЌЕ“!

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Ете, го сочувавме јазикот, ја сочувавме сопственоста над името Македонија, го сочувавме идентитетот… Е, ова последново веќе ми бега од мојата перцепција за идентитетот.

Ако некогаш подразбирав дека мојот идентитет е еден единствен, а исполнет со повеќе идентитети – личен, национален, верски, културно-традиционален, трудољубив, праведен, напреден и визионерски обликуван вклопен во некоја целина, сега гледам дека кај нас целината ја нема, туку постои само националниот дел од идентитетот.

КОМИТСКИ МЕНТАЛИТЕТ

Кога се работи за македонскиот идентитет, секој што нѐ набљудува отстрана, уште на прв поглед ќе забележи дека нашиот идентитет се манифестира со една тотална конфузија, параноичен страв од губење на националната самобитност, срцепарателност, тврдоглава ограниченост, наметливо фалбаџиство и нагласено драматизирање.

Значи, тој некој што нè гледа отстрана, нема да рече дека немаме свој национален идентитет, туку дека, всушност, имаме „криза на идентитетот“. Ова на посреден начин ни го кажа и претседателот на Германија, Штајнмаер при неодамнешната посета на земјава.

„Само вие, жителите на Северна Македонија, одлучувате каков треба да изгледа македонскиот идентитет денес и во иднина. Сега не е време за политички поени и националистички чувства“.

Човекот, сепак, беше малку воздржано благ кон нашиот комитски менталитет, иако многу добро знае дека никогаш не е време за политички поени преку националистичките чувства.

Само прашање е колку ние разбираме што ни кажуваат нашите партнери од Европа. Кога тие зборуваат за идентитет, тие не мислат само на националниот, туку мислат на идентитетот воопшто, како свесност на граѓаните за тоа каде припаѓаат, кон што се стремат и каде сакаат да стигнат.

Кризата на идентитетот се јавува тогаш кога поради разни околности доаѓа време да се преиспитаат претходно усвоените вредности. Тоа значи зрелост, во случајов и зрелост на државата.

Се разбира, тоа не важи за нашава држава, која сè уште се убедува со ВМРО-ДПМНЕ, нашето „детуле“ родено во повеќепартизмот, кое стана веќе стар ерген со превалени триесет, според граѓанскиот извод, а дооден старец од над сто години, според црковното крштелно. И во двата случаи имаме работа со изместена перцепција за стварноста.

ГРАЃАНСКА ОДГОВОРНОСТ

Но, при една општа криза на идентитетот, и граѓаните, не само политичарите, го креираат и го отежнуваат зацртаниот пат кон Европа. Им се лутам на скопјани што така брзо им простија на вмровците за зулумите што ги направија врз Скопје.

Не велам дека претходниот градоначалник од СДСМ направи којзнае што за Скопје, ама барем со ништо не го осквернави. ВМРО-ДПМНЕ повторно го гази Скопје, со кој полк од таа формација, не е ни битно. Има многу побитни работи што се однесуваат на сите граѓани.

Либералната демократија од каде што сме го презеле терминот „граѓанска непослушност“ во реалноста баш и не го поддржува овој тип граѓански „активизам“. Напротив, кај неа се поттикнува и се стимулира „граѓанската одговорност“.

Но, во држава во која корумпираните институции не стојат зад правата на обичните граѓани, туку зад поединци кабадаи, „граѓанската одговорност“ би можела да стане настан од голем ризик.

Познат ми е случајот на еден наивен млад брачен пар со бебе кој го пријави во локалната полиција кафеанџијата од нивното соседство за прегласната музика до утринските часови, па сиротите едвај извлекоа жива глава од мафијашките разбивачи.

Се нема доверба ни во полицијата, ни во обвинителството, ни во судството. Затоа тонеме.

И премиерот Ковачевски е сосема свесен за огромната корупција и криминал во државава. Ако треба, ќе побарал помош и од надвор. Работата е дојдена до коска.

Нема веќе „ЌЕ“! „Ќе му го поништиме државјанството на Онишченко, ќе го затвориме бугарскиот клуб во Битола, ќе преземе мерки за ова, мерки за она…“ Преземете, де, еднаш, само прво скокнете, па потоа кажете ОП пред јавноста!

Поврзани новости