На Армискиот полигон Криволак, Неготино, во текот на оваа пролет ќе се реализира најголемата воена вежба во Македонија, „Swift Response 22“.
Во неа ќе бидат вклучени над 4.000 армиски припадници од САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Македонија.
Во Вежбата ќе бидат вклучени над 1.000 падобрански скокови, како и 43 воздухоплови, авиони и хеликоптери.
-Оваа вежба е уникатна и по фактот дека во неа ќе бидат вклучени припадници на Армијата заедно со припадници на Националната гарда на Вермонт, во заедничка единица. Учесниците на вежбата ќе бидат опремени со т.н. MILES системи кои овозможуваат симулација на реални борбени дејства, без притоа да се користи боева муниција. Министерството за одбрана и овој пат навреме ќе ги преземе сите мерки за безбедно одвивање на вежбата без штетни влијанија врз животната средина.
Министерството за одбрана заедно со Генералштабот и претставници на земјите-учеснички ќе организираат сеопфатно медиумско покривање на вежбата за што јавноста и медиумите ќе бидат запознаени пред нејзиниот почеток-информираа од Министерството за одбрана.
И додека од таму уверуваат дека ќе бидат преземени мерки за заштита на животната средина, жителите од Општина Неготино веќе со години наназад апелираат на поставување на мерни станици за загаденост на воздухот на повеќе локации.
Посебно при најавата на секоја поголема воена вежба, се актуелизира истото прашање, колку се заштитени граѓаните и животната средина од штетните влијанија.
Во општината, и покрај тоа што армискиот полигон каде се одвиваат вежби е во близина на населените места и на земјоделските култури, а исто така функционира и ТЕЦ Неготино, нема ниту една мерна станица.
Како алтернатива, повремено се објавуваат резултати на загаденост на воздухот добиени од мобилна станица, која е во сопственост за Здружение на граѓани Ековита, а резултатите посебно во зима, често се поразувачки.
Од здружението во неколку наврати јавно бараа надлежните да се ангажираат и да се постават софистицирани мерни станици за мерење на загаденоста на воздухот.
Вики Клинчарова