Управата за финансиска полиција (УФП) до Основното јавно обвинителство – Скопје денеска поднесе три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење на основани сомневања за сторено кривично дело „даночно затајување“.
УФП соопшти дека пријавените физички лица, во својство на управители на пријавените правни субјекти, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за правните субјекти, во периодот од 1 јануари до 25 април година, значителен дел од набавената трговска стока – прехрамбени производи, евидентирана на залиха во износ од 112.727.586 денари неосновано ја присвоиле за себе и не ја евидентирале во сметководствената евиденција на правните лица како кусок, при што не пресметале, не пријавиле и не платиле данок на додадена вредност по даночна стапка од 5 проценти во износ од 5.636.379 денари и данок на личен доход во износ од 12.524.718 денари.
Со така преземените дејствија, пријавените предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 18.161.097 денари, се посочува во соопштението.
УФП додава дека дополнително, проверки се вршат и во други правни субјекти на територијата на целата држава, а по завршување на истите со соодветни поднесоци ќе бидат известени надлежните јавни обвинителства.