Кривични пријави против вработени во Агенција за администрација: на одредени кандидати им овозможиле да го положат испитот за административен службеник

by Fokus

Кривични пријави против седум лица за повеќе кривични дела, меѓу кои „злоупотреба на службена положба и овластување“, ,,примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, ,,давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“.

Според информациите се работи за В.Н.(48) од Прилеп, Б.Л.(37) од Скопје, А.А.(51) од Скопје, А.К.(59) од Скопје, М.И.С.(38) од Скопје, В.Е.(34) од Гостивар, А.Е.(39) од Гостивар.

Во периодот од септември 2022 година до првата половина на март 2023 година, В.Н., Б.Л. и А.А., вработени во Агенција за администрација, на одредени кандидати кои конкурирале за работа во државни институции им овозможиле успешно да го положат испитот за административен службеник. Првопријавениот, за време на полагање на испитот, неовластено преку мрежен пристап навлегувал во компјутерите на кандидатите, а притоа пријавените на одредени кандидати им овозможиле користење недозволени средства за време на испитот. Пријавените В.Н. и Б.Л., од септември 2022 до крајот на 2022 година, од пријавениот А.К. побарале и примиле подарок за да овозможат неговиот син успешно да ги положи испитите и да биде вработен. Притоа, пријавениот В.Н. му овозможил на второпријавениот Б.Л. да врши проверка и промена на внесените одговори. Во декември 2022 година, пријавените В.Н. и Б.Л., со цел да примат подарок за себе од пријавените В.Е. и А.Е., влијаеле на пријавената М.И.С., вработена во Агенцијата за администрација и претседател на комисија за селекција за вработување за конкретниот оглас, при што во интервјуто на кандидатката В.Е. и дала максимален број на бодови, без оглед на нејзината стручност. На тој начин кандидатката ги освоила потребните бодови и била избрана за работното место за кое аплицирала.

Поврзани новости