Кривични пријави против седум лица поради тешка кражба во винарска визба во Гевгелија

by fokus

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство во Гевгелија, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ поднесе кривична пријава против скопјаните Н.В (46) и М.Р (49), а кривично пријавени се и лицата И.В (52), С.А (59), А.Х (25), Б.Ѓ. (53) исто така од Скопје и Б.И (53) од Прилеп, поради сомневање дека помогнале во извршувањето на кражбата  во винарска визба во Гевгелија.

Како што соопшти МВР, на 22 октомври минатата година, во времето од 01:30 часот до 03:30 часот, Н.В. и М.Р. извршиле тешка кражба во просториите на винарска визба во Гевгелија. Тие влегле во кругот на винарската визба, а потоа влегле во внатрешноста на објектот, во канцеларијата на благајникот. Притоа, најверојатно со помош на оксигенски заварувач се обиделе насилно да ја отворат металната дводелна каса. Но, откако не успеале да ја отворат металната врата, ја извлекле од нејзиното лежиште и со оксигенскиот апарат направиле отвор, со дијаметар од околу  20 сантиметри. Од дејстувањето со оксигенскиот апарат и високата температува, видно биле оштетени, со нагорување, пластични папки со документација, кои биле во внатрешноста на горниот дел од металната каса, а биле нагорени и оставените парични средства во денари. Од металната каса тие успеале да одземат 640.000 денари, во различни апоени и  6.950 евра во различни апоени.

По извршувањето на тешката кражба, М.Р. за соодветна награда, на четвртопријавениот С.А. му дал пет делумно нагорени  банкноти од по 1.000 денари да ги замени во Народна банка на Република Македонија, по што тој на 24.09.2018 година, во НБРМ поднел барање за нивна замена, и истите на 27.09.2018 година му биле заменети.

Потоа на  5 ноември минатата година, седмопријавениот Б.И, отишол во просториите на Народна банка на Република Македонија, со намера да изврши замена на 172 делумно нагорени банкноти од по 1.000 денари. Во просториите на банката при контакт со шестопријавениот Б.Ѓ, вработен во НБРМ, Б.И. бил упатен замената на банкнотите ја изврши преку менувачница во Скопје, при што Б.Ѓ. му овозможил контакт со петтопријавениот А.Х, вработен во менувачница, кој за соодветна награда, од 10 проценти, истиот ден ги земал 172 делумно нагорени банкноти, а на пријавениот Б.И  му исплатил 155.000 денари во готово без да му издаде документ. Исто така, Н.В. на 11.12.2018 година, на третопријавената И.В и дал 13 делумно нагорени банкноти од по 1.000 денари, со цел да ги замени во НБРМ. Таа веќе наредниот ден, на 12 декември во 8:30 часот, пријавила 13 банкноти, од по 1.000 денари, за замена како делумно нагорени, но замената на банкнотите не е извршена.

Набргу потоа, како што е наведено во соопштението од МВР, сторителите се идентификувани и пронајдени.

На предлог на јавниот обвинител во Гевгелија, судија на претходна постапка при Основен суд Гевгелија на прво, второ и шесто пријавените им одреди мерка притвор во траење од осум дена, додека на трето, петто и шесто пријавените им е одредена мерка на претпазливост „задолжително јавување во суд“.

Поврзани новости