СВР Куманово, до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Л.Х.(44) од Народна Република Кина, со живеалиште Кралство Шпанија, В.В.М.(54) од Република Бугарија, Ј.П.(38) од Народна Република Кина, со живеалиште во Софија, Р.Бугарија, против С.П.(41) од село Режановце, кумановско и против И.А.(44) од Крива Паланка, вработен во Царинската управа на Р.С. Македонија, граничен премин „Деве Баир“ поради постоење основи на сомнение дека Л.Х. сторил кривично дело „криумчарење“ по член 278 став 2 во врска со кривичното дело „злосторничко здружување“ по член 394 став 1, дека В.В.М., Ј.П. и С.П. ги сториле кривичните дела „криумчарење“ по член 278 став 2 во врска со кривично дело „злосторничко здружување“ по член 394 став 2 и дека И.А. го сторил кривичното дело „криумчарење“ по член 278 став 5 во врска со кривично дело „злосторничко здружување“ по член 394 став 2 од Кривичниот законик.
Л.Х. формирал криминална група за криумчарење на недозволени стоки и противправно набавил поголема количина стаклена јагула, која е редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа. Tранспортот на стаклената јагула требало да се изврши на релација Софија – Меѓународен аеродром Скопје до Куала Лумпур, Малезија, каде што како купувач се појавува лице по име С.Н. од Малезија.
Л.Х. набавил 60 килограми на подмладок од стаклена јагула во вредност од 90.000 до 120.000 евра спакувана во 42 најлонски кеси со компресирен кислород кои ги сместиле во седум големи патни торби. J.П. набавил парични средства во кеш во износ од 10.000 евра во противредност на бугарски левови, по што на 03.04.2019 година Л.Х., В.В.М. и Ј.П. ги натовариле патните торби со стаклена јагула во комбе „Мерцедес“ со бугарска национална ознака. Откако обезбедиле авионска карта за патување за В.В.М. на релација Скопје-Истанбул-Куала Лумпур, заминале за Скопје. На граничниот премин „Деве Баир“ ги чекал С.П., кој имал задача да обезбеди непречин премин при царинска контрола на македонска страна. По пристигнување на царинска контрола кај И.А., тој без задржување ги пуштил да го напуштат граничниот премин без царинска контрола на багажот.