Град Скопје денеска поднесе кривична пријава против Љубица Јанчева, поранешен Претседател на Советот на Град Скопје и Петре Шилегов, поранешен Градоначалник на Град Скопје.
Станува збор за кривична пријава поради основано сомневање дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 ст.5 вв со ст.1 од Кривичниот Законик.
– Љубица Јанчева во својство на Претседател на Советот на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба, од средства од буџетот на Град Скопје искористила средства за прослава во ресторан во Скопје, спротивно на законските прописи за извршени набавки на стоки и услуги и спротивно на Законот за јавни набавки, додека Петре Шилегов како Градоначалник на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, а со пречекорување на границите на своето службено овластување без да постои склучен договор, спротивно на Законот за јавни набавки, дозволил да се искористат и исплатат средства од буџетот на Град Скопје, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот на Град Скопје.
Имено, Љубица Јанчева во својство на Претседател на Советот на Град организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје, и за тоа своерачно потпишала и посебен интерен образец со кој потврдува дека ги искористила наведените средства и во прилог кон истиот доставила фактура, со што ги потврдува издатоците за реализирани средства за репрезентација – информираше на денешната прес-конференција Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.