Тетовската полиција поднесе кривична пријава против Тони Коцевски, екс градоначалникот на Јегуновце, Д.С.(42) од с. Јанчиште, тетовско, Р.М. (46) од с.Беловиште, тетовско и Д.К. (41) од с.Туденце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „соизвршителство“.
Во периодот од 01.01.2017 до 30.11.2017 година, првопријавениот како градоначалник на општина Јегуновце во повеќе наврати им овозможил на вработените во општината да ставаат гориво во нивните приватни возила на сметка на општината, велат од МВР.
На тој начин, според Министерството за внатрешни работи, го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 214.515 денари. Исто така, во периодот од 01.09.2017 до 30.11.2017 година, тој одобрил нарачки на бекатон плочки, од фирма од Тетово, кои потоа биле доставувани на повеќе физички лица, со што го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 1.057.026 денари.
Во текот на 2017 година, екс градоначалникот на Јегуновце спротивно на Законот за јавни набавки, одобрил јавни набавки во износ од 500 евра во денарска противвредност без да бидат оданочени со ДДВ, додека во повеќе наврати им овозможи привилегиран статус на четири фирми, кои вршеле набавки за различни потреби на општината, со што го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 1.140.224 денари.
Од МВР наведуваат дека во текот на 2017 година, второпријавениот, како раководител на Одделот за финансии во општина Јегуновце и претседател на комисијата за јавни набавки, спротивно на Законот за јавни набавки, одобрил да се склучат повеќе договори со исти фирми, додека на други фирми, кои имале тендерска постапка, одобрил да им бидат исплатени парични средства и покрај тоа што од нивна страна не биле почитувани законските регулативи и како инвеститори не постапиле согласно проектите, односно не вршеле надзор за извршената работа и доставената роба. На овој начин второпријавениот го оштетил буџетот на општината за 3.176.679 денари.
Во периодот од 01.01.2017 до 30.11.2017 година третопријавениот, како возач во општина Јегуновце, не водел никаква евиденција за службените возила. Платежните картички за точење на гориво во службените возила ги распоредувал на вработени лица во општината. Исто така, тој набавувал делови и опрема за службените возила без склучен договор за вакви набавки. За подигнатата роба немал соодветна документација за тоа каде биле монтирани. На тој начин третопријавениот го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 50.901 денари, додаваат од МВР.
„Во периодот од 01.05.2017 до 31.12.2017 година, четвртопријавениот, како помлад соработник за заштита, спасување управување со кризи во општина Јегуновце, вршел набавки на средства за хигиена и пијалоци за општината од фирма на која и истекол договорот со општината, додека платежната картичка за точење на гориво во службените возила ја користел за свои лични потреби. На овој начин четвртопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 21.919 денари, за кој износ го оштетил буџетот на Општина Јагуновце“, пишува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Пријавените, со извршените кривични дела го оштетиле буџетот на општина Јегуновце во вкупен износ од 5.661.354 денари.