СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Пеце Милевски(40) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.
Според информациите, директорот на ЈКП Водовод Битола, ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што потребата од пополнување на систематизираните работни места не ја обезбедил преку јавен оглас, туку со ангажирање работници преку агенција за привремени вработувања по основ на зголемен обем на работа на определено време.
На тој начин, како што велат од Обвинителство, тој постапил спротивно на чл.22 од Законот за работни односи и чл.20-а, 20-б, 20-в, 20-г, 20-д од Законот за вработени во јавен сектор. Имено, во случајот работните места се испразнети, не се пополнети сите систематизирани, па според тоа не можел да ангажира лица од агенција за привремени вработувања.
Пријавениот, одредени вработени во континуитет ги овластил да извршуваат дополнителни работни задачи подолго од два месеци што е спротивно на чл.10 од Колективниот договор за комунални дејности, по што им исплаќал додаток на плата за работна успешност без притоа да бидат запазени критериумите утврдени во чл. 83 и 84 од Колективниот договор.
Милевски, како што се наведува во соопштението, несовесно постапил во извршувањето на своите должности и овластувања на тој начин што не обезбедил задолжителен видео надзор и физичко обезбедување во резервоарот на ЈКП Водовод кај м.в „Овчји Баир“ како објект од категорија која е од витално значење за безбедноста на здравјето и животот на граѓаните согласно чл.4 од Одлука на Владата за определување на правни лица кои се должни да имаат приватно обезбедување. Во повеќе наврати за тоа му било укажувано и од страна на вработените во објектот.