Кривична за братучедот на Марјан Ристески, како директор на „Комуналец“ казната за прекршок ја платил со општински пари

by fokus

Против поранешниот директор на прилепското јавно претпријатие „Комуналец“, Златко Ристески, е покрената кривична пријава за злоупотреба на службената положба.

Како што информираат од полицијата, Ристески, како директор на ЈП „Комуналец“, глобата изречена од Управата за јавни приходи, за сторен прекршок, ја платил со пари од редовната сметка на претпријатието, иако како одговорно лице требало паричната глоба  да  ја плати  од сопствени средства.

Кривична е поднесена против уште пет лица, членови на Управниот одбор на „Комуналец“. Откако Ристески поднел писмено барање за одобрување на средствата, на седница на управен одбор на претпријатието било одлучено да му се одобрат средствата.

Претседателката на управниот одбор, М.А. ќе одговара затоа што го ставила на гласање барањето и потпишала одлука со која било одобрено глобата да биде исплатена од редовната сметка на претпријатието, а останатите членови на управниот одбор затоа што гласале позитивно за донесување на одлуката.

Ристески е прв братучед на поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески. Пред неколку дена новиот директор на претпријатието, Ѕвонко Јованоски, обвини дека неговиот претходник го оштетил „Комуналец“ за 500.000 евра.

Поврзани новости