Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице во својство на одговорно лице во правниот субјект „Приватна здравствена установа – Специјална болница по гинекологија, акушерство и ортопедија САНТЕ ПЛУС ГРУП Скопје“, како и против правниот субјект.
„Прво пријавеното лице во периодот од 2016 година до 2018 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за пријавената здравствена установа, во повеќе наврати извршила исплата на парични средства “во готово” во вкупен износ од 35.097.304 денари по основ на плата и додатоци/бонуси на плата на поголем број физички лица кои биле работно ангажирани за потребите на пријавената здравствена установа, без при тоа таквите исплати да ги евидентира во сметководствената евиденција на приватната здравствена установа САНТЕ ПЛУС ГРУП Скопје и без при тоа да пресмета, пријави и плати придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонеси за задолжително здравствено осигурување, придонеси за вработување и дополнителни придонеси за задолжително осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и персонален данок од доход, со што е причинета штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 11.609.349 денари“, велат од Финансиска полиција.