Вработена во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во подрачна единица Струга доби кривична пријава за фалсификување службена исправа.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека пријавената како овластено службено лице во министерството изготвила извештај за исплата на плата за вработен во подрачната единица во период кога тој не бил во државата.
„ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.В.(39) од струшкото село Делогожда, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“. Таа, во својство на овластено службено лице во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, подрачна единица Струга, спротивно на своите овластувња, за вработениот Ќ.Ф. свесно изготвила извештај за плата за периодот од декември 2021 до февруари 2022 година со невистинита содржина, каде прикажала дека тој немал отсуство од работа. Тоа го направила, иако знаела дека вработениот во посочениот период бил надвор од територијата на РСМ“соопшти МВР.
Од МВР велат дека потоа лажните податоци ги завела со свој потпис и печат и ги испратила до Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, по што на вработениот му била исплатена плата.