Случајот со осум-годишното дете од Скопје, кое завчера почина откако било искасано од кучињата на соседот, ги актуелизираше прашањата околу тоа колку се почитуваат законите поврзани со чување на домашни миленици, но и со какви казни се соочиле оние сопственици, кои покажале несовесно сопствеништво.
Конкретно за случајов, според АХВ, кучињата кои го нападнале детето биле уредно идентификувани со микрочип, а по настанот биле изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар.
Дворот во кој се чувале бил соодветно заграден и на влезот имало поставено предупредувачки знак „Пази куче“.
-Со контролата ќе се испитува и дали сопственикот на кучињата ги испочитувал одредбите од законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните и за здравствената заштита и благосостојба, односно дали се испочитувани условите пропишани во актуелната Годишна наредба за здравствена заштита на животните, условите за држење на кучињата од страна на сопственикот итн.
Согласно Законот, се дава налог кучињата да се стават под официјален надзор за болеста беснило од страна на ветеринар за период од 15 дена, а по завршувањето на опсервацијата се издава сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животните во однос на болеста.
Двете кучиња од расата „англиски мастиф“ се регистрирани и во Кинолошкиот сојуз. Едното е увезено од Србија, а другото од Белорусија – вчера информираше директорот на АХВ Николче Бабовски.
Јавноста сведочеше за слична трагедија кога во март 2017 година 4-годишно дете беше нападнато од кучињата на соседот, на кои им се приклучила и глутница улични кучиња.
Малиот Џеваил од кичевско Бачишта кобниот 16-ти март тргнал од дома и сакал преку нива да стигне до соседната куќа каде бил неговиот татко.
Со тешки повреди на стомакот и скршеници на градниот кош и черепот, по нападот тој беше пренесен во Скопје на клиника, но не преживеа. Момчето почина по три дена борба за живот.
Тогаш од МВР најавија дека против сопственикот на кучињата ќе биде поднесена соодветна пријава.
Околу тоа каква пријава беше поднесена против сопственикот на кучињата кои до смрт го изгризаа Џеваил, „Фокус” побара одговор од МВР.
Како што појаснија од Министерството, по преземени мерки, консултации и дадени насоки од ОЈО Кичево поднесена била кривична пријава за КД „тешки дела против општа сигурност“ по чл. 292 в.в. чл. 288 став 1 од КЗ.
Според Кривичниот законик, во членот 292, појаснето е дека за делото е предвидена затворска казна.
-Ако поради делото од членовите 288 ставови 1,2 и 3, 289 став 1, 290 ставови 1 и 2 и 291 став 1, настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години- наведено е во членот 292 за Тешки дела против општата сигурност.
Детали за случајот со сопственикот на кучињата од кичевско, односно дали и колку години затворска казна му била одредена, не беа јавно соопштени.
За случајот од Скопје пак, од Обвинителството информираа дека е издадена наредба за обдукција и се преземаат дејствија за испитување на целиот настан, по што ќе се изработи детален извештај за причините под кои се случил настанот.
Вики Клинчарова