Кривична пријава за директорот на МРТВ, Цветковски, го заложил имотот на телевизијата без дозвола од Собранието

by fokus

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против директорот на МРТВ, Маријан Цветковски, поради сомнеж за злоупотреба на службената положба.

Како што беше посочено на денешната прес конференција, пријавата е поднесена до Основното обвинителство.

-Осомничениот М.Ц. во 2015 година е осомничен дека ја злоупотребил службената положба. Земал кредит од 140 милиони денари, а заложил имот во вредност од 294 милиони денари, односно го заложил целокупниот движен и недвижен имот на МРТВ без да побара согласност од Собранието, истакна Даниела Велковска, од Управата за финансиска полиција.

Кривична пријава е поднесена и за нотарката З.П. која ги заверила спорните договори.

-Дел од добиениот кредит во износ од 30,3 милиони денари М.Ц. веднаш го искористил за подмирување на достасани обврски кон Банката давател на кредитот и доверител, по основ на претходен откуп на побарувања од правниот субјек БЕГ-Снабдување центар ДООЕЛ Скопје, истакна Велковска.

Од почетокот на годинава па се до сега, Управата за финансиска полиција поднела 28 кривични пријави против 51 физичко лице и 28 правни субјекти. Штетата пак која била предизвикана се пресметува на 8,3 милијарди денари. Овие податоци ги сподели директорот Арафат Муареми.

Муареми најави и дека во следниот период ќе поднесат нови кривични, кои ќе ги финишираат во наредните денови.

Поврзани новости