64-годишна жена од Скопје заработи кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“. Тоа го направила додека била директорка на ЈЗУ Здравствен дом „Нада Михајлова“ Пробиштип.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Ј.Р.(64) од Скопје за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и “несовесно работење во службата”. Во периодот од 2013 година до 2017 година, пријавената, како директор на ЈЗУ Здравствен дом „Нада Михајлова“ Пробиштип, за 10 здравствени работници донела решенија за распоредување на работни места, со коефициенти на сложеност во извршувањето на работните задачи кои биле во спротивност со Законот за работни односи. По ова, здравствените работници поднеле тужба, по која била донесена пресуда во корист на истите, за што било пристапено кон присилно извршување на долг од 599.082 денари од ЈЗУ Здравствен дом „Нада Михајлова“ Пробиштип“, велат од МВР.