Кривична пријава против екс директорот на катастар поради незаконски вработувања

by Фокус

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против скопјанецот С.Т.(44) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Како што е наведено во соопштението од МВР, пријавениот С.Т., во својство на директор на Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија, спротивно на член 48 од Законот за административни службеници, донел решенија за унапредување на 128 административни службеници без спроведување на соодветна законска постапка, со што им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист од 7.343.131 денари на штета на Буџетот.

„Тој без да достави барање за започнување на постапка за унапредување на административен службеник до организационата единица надлежна за управување со човечки ресурси во Агенцијата, без добиено известување за обезбедени финансиски средства од Министерството за финансии, без објавен интерен оглас на веб страницата на Агенцијата, како и без постоење на пријави за унапредување со приложени докази за унапредување, без Комисија за селекција за унапредување, без записник за административна селекција, без записник за спроведени интервјуа со најдобро рангирани кандидати и без одлуки за извршен избор, ниту пак објава на истите на веб страната на Агенцијата, донел 128 Решенија за распоредување и определување на плата на државен службеник“, соопштија од МВР.

Поврзани новости