Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе Известување за откриени содржини во кои има повикување на насилство или најави за однесување кое би значело загрозување на туѓа безбедност, а се објавени на профили на Фејсбук во изминатите 24 часа.
Од МВР велат дека кривична пријава до надлежното обвинителство ќе биде поднесена против Г. Т. (48) од Скопје, поради споделена објава на социјалната мрежа Фејсбук со која се шири говор на омраза и загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието, по вчерашното гласање во парламентот за уставни измени.
Како што објавија дел од медиумите, кривичната пријава се однесува за Горан Торбаков, кој беше советник за странски инвестиции и дијаспора во кабинетот на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Постирајќи слика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што поддржаа отворање на процедура за уставни измени, тој на фејсбук напиша: „Да даде Господ од утре еден по еден од овие да ги гледаме во некролог по бандери и весници…“.
Министерството порачува дека нема да толерира закани по живот на граѓани и повици за насилство и ќе ги презема сите потребни мерки за одржување и зачувување на јавниот ред и мир.