Кривична и бркање од работа на полицаец поради примање поткуп

by Fokus

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното јавно обвинителство – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против полицискиот службеник С.Ф. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.

Како што информираат, на 15.12.2024 на Граничниот премин „Долно Блаце“, пријавениот С.Ф., полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, побарал и примил пари за да изврши службено дејствие кое не смеел да го изврши.

- Advertisements -

Имено, при контрола на лица кои ја преминувале државната граница кон Косово, за парична награда, пропуштил лице да ја премине државната граница со видно оштетена и преправена патна исправа, со скината предна корица, а пластифицираната страница со биометриски податоци била одвоена од патната исправа, а потоа залепена помеѓу страниците.

Исто така, пријавениот не го завел лицето во граничните евиденции како лице кое преминало државна граница и не проверил дали минува во евиденциите за проверки.

Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место.

Поврзани новости